Ако немаш работа, твоја работа е да најдеш работа. Кое е всушност значењето на оваа реченица? Многу едноставно, без никакви скриени пораки, тоа значи дека ако немате работа, а сакате, ваша работа е да ја најдете истата.
Според тоа, 8 часа во денот, од 9 до 17 часот, со пауза за ручек и/или паузи за цигари вие сте должни да работите на наоѓањето на работа.
Дисциплинирано, преговарачки, инспиративно и упорно, секој ден додека не најдете работа.
Тој процес сигурно ќе ги вклучува следните нешта:
1. Конкурирање на многу места со водење на евиденција каде, кога и за која позиција сте конкурирале за кога ќе ве побараат веднаш да знаете за што станува збор со цел да не оставите погрешен прв впечаток.
2. Креирање на CV според потребите на работното место. Некогаш ова знае да биде многу заморно и досадно, но не заборавајте дека некогаш тоа е и пресудниот, клучен факто во изборот некој да ве повика во првиот круг.
3. Учење и развивање. Ја избравте индустријата која ја сакате, следно, изберете ги правците во истата кои би ви користеле. Кандидатот кој знае 3 работи е подобар од кандидатот кој знае 2 работи. Често и само познавањето, без длабока пракса може да биде корисен фактор.
4. Читањето на огласи за работа. Често работодавците ставаат високи критериуми за да ги одбијат луѓето кои не се доволно самоуверени и упорни во желбата да ја добијат работата. Затоа, доколку ви се допаѓа работата и мислите дека вашето искуство дури и во најмала рака може да одговара, пријавете се! (И следете го советот број 2).
5. Верувајте! – Точно, ова е Македонија, точно има врски и секакви работи, но не е така секаде и секогаш. Бидете храбри и самоуверени и добрата работа ќе ви се појави како награда. И не заборавајте, дури и во моментите кога нештата ви имаат најмалку смисла тогаш најмногу верувајте во себе.