Долг свечен фустан
Фустанот кој изгледа многу свечено и кој е со должина до глуждовите, не е соодветен избор за корпоративните забави, освен ако забавата не е со црвен тепих или некој гламурозен настан. На корпоративните забави не е потребно да изгледате како кралица, туку треба да бидете соодветно дотерани, бидејќи сигурно ќе треба да се движите повеќе и да танцувате, па затоа ви е потребна облека во која ќе се чувствувате попријатно. Одберете фустан со должина до или под колената и со сигурност ќе изгледате неверојатно.
Во црно од глава до петици
Црната боја е одличен избор кога сакате да изгледате елегантно, но сепак избегнувајте изглед во црно од глава до петици кога одите на корпоративните забави. Дури и ако вашите колеги не се толку заинтересирани за модата, дамата во црно може да не им остави позитивен впечаток. Истото важи и за целосен син, црвен, жолт изглед или која било друга боја и нијанса. Трудете се за вашиот изглед да одберете повеќе од една боја. Секако, најдобра варијанта се класичните изгледи, комбинација на сукња или панталони со палто, кошула, комбинезон или фустан. Ако одберете парчиња облека кои се со една боја, тогаш комбинирајте со чанта, чевли и накит во друга боја.
Неквалитетни материјали
Не можете да изгледате елегантно и убаво ако носите облека која е изработена од неквалитетни материјали. Корпоративната забава е посебна прослава, па затоа потрудете се да изгледате навистина посебно. Квалитетната облека не само што ќе направи да изгледате подобро, туку ќе ви овозможи да се чувствувате пријатно и удобно.
Хулахопки со дезени
Доколку носите сукња или фустан и треба да облечете и хулахопки, тогаш препорачливо е да не одбирате модел кој е со дезени. Можеби сметате дека вашите нозе се најубавиот дел од вашето тело, сепак не треба вниманието да го привлекувате со нападни дезени. Подобро е да облечете едноставни хулахопки или со една боја, бидејќи на тој начин ќе изгледате пософистицирано.
Премногу детали
Асиметрична сукња со комплициран дезен, блуза со карнери и панделки, необични чевли, неколку прстени и нараквици, големи обетки, големо ланче... ваквата комбинација не е соодветна за една корпоративна забава. Можеби сте дама која ги обожава деталите и постојано нејзиниот изглед се состои од многу детали, но треба да внимавате при изборот за корпоративната забава. Кога имате многу детали на себе, тогаш изгледате нападно и може да оставите негативен впечаток на забавата. Бидете побалансирани и бирајте поедноставен накит, а доколку одбраната сукња е со интересни детали тогаш одлучете се за поедноставна блуза или кошула.
Разголен изглед
Вистинска грешка е доколку на корпоративната забава се појавите облечени во проѕирна облека или облека која открива голем дел од вашето тело, како на пример блуза со длабоко деколте или премногу кратко здолниште. Кога одбирате везени парчиња или пак модели со тантела, внимавајте тие да не бидат транспарентни.
Неудобна облека
Многу е важно да бирате облека која е удобна и која би овозможува пријатно чувство. Сигурно не би посакале да облечете сукња која треба постојано да ја местите, панталони на кои е расипан патентот или пак чевли во кои ве болат нозете по само 15 минути носење. На забавата треба да си поминете убаво, а не да размислувате како да се справите со облеката. Одберете удобни парчиња облека, но такви што ќе бидат соодветни со пригодата.
Канцелариски изглед
Иако треба да изгледате попрофесионално, сепак тоа не значи дека треба да се појавите со изгледот од канцеларијата. Некои луѓе сметаат дека на овие забави бидејќи се со своите колеги, тогаш можат да ја носат истата облека како и на работа. Но сепак, не одбирајте класичен деловен изглед, туку изгледајте соодветно со помодерни и поуникатни парчиња облека.