Заработи 2.000 евра месечно играјќи фудбал во Исланд – стои во огласот кој деновиве осамна во Барселона и во некои други градови во Шпанија и останатите земји од Европската унија
Необичната реклама ја смисли фудбалскиот клуб Стридсмен од Рејкјавик кој има намера да се натпреварува во четвртата исландска лига, а од кандидатите се бара да бидат на возраст до 30 години и да се државјани на земјите од ЕУ.
Огласот привлече големо внимание, а клубот на својата веб страна објави дека поради големиот интерес во Велика Британија, Бугарија, Романија, Полска, Хрватска, Белгија, Франција, Шведска, Португалија Шпанија, веќе е закажано тестирање на кандидатите. Тестирањето во три групи ќе биде завршено до 27 март.
Мала забуна предизвика фактот дека клубот на својата веб страна се нарекува ФК Скандинавија, но одтаму велат дека морале да го сменат своето име затоа што Фудбалската Федерација на Исланд не го прифатила името “Стридсмен“што значи “воин“ бидејќи според федерацијата тоа име би било во спротивност со спортскиот дух.
Телефонот за контакт во огласот води до Сент Пол Еде, поранешен нигериски фудбалер кој во сега е скандинавски тренер. Тој минатата година започна да бара играчи на одредени места во тимот, прво преку Твитер, а сега се сврте и кон огласи.
Со оглед на фактот дека станува збор за непрофесионален тим, ветените 2.000 евра идните фудбалери ќе треба да ги заработат работејќи за спонзорот на клубот, и тоа на работни места за кои не е потребно добро познавање на јазикот.
Претежно, тие би работеле како чувари, чистачи, готвачи, шофери, градинари, риболовци, а спонзори на клубот се две самопослуги, една рибарница и една фабрика за сладолед.
Заинтересираните кандидати треба да ги понесат трошоците за патување и престој во Рејкјавик сами.
Тестирањето ќе трае 5 дена, а клубот наведува дека оние кои ќе го поминат ова може да бидат забележани од водечките исландски клубови кои можат да им понудат многу подобри услови.