Минималните плати во Европа се движат од 213 евра во Албанија до дури 2.142 евра во богатиот Луксембург, покажаа податоците на Евростат во јануари годинава.
Минималната плата е законски пропишана во повеќето земји-членки на Европската унија и некои други европски земји, меѓу кои и нашата. Во земји каде минималната плата не е законски пропишана, пресметката се прави според вообичаениот број работни часови месечно.
Најновите бројки покажуваат дека разликите во минималната плата во европските земји се многу големи.
Според Евростат, во осум европски земји минималната плата надминува илјада евра.
Луксембург со „минимум“ од 2.142 евра е следен од Ирска со минимална плата од 1.656 евра, Холандија 1.636, Велика Британија 1.599, Белгија 1.594, Германија 1.584, Франција 1.539 и Шпанија 1.050 евра.
Потоа, има 10 држави каде минималната плата е помеѓу 500 и 1.000 евра.
Имено, минималната плата во Словенија е 941 евра, во Малта 777, Грција 758, Португалија 741, Полска 611, Литванија 607, Естонија 584, Словачка 580, Чешка 575 и во Хрватска 546 евра.
На дното, со минимална плата помала од 500 евра се наоѓаат вкупно осум европски земји: Унгарија со 487 евра, Романија 466, Латвија 430, Србија 343, Црна Гора 331, Бугарија 312, С. Македонија 235 и Албанија со 213 евра.
Според Евростат, минималната плата во Луксембург, која е далеку највисока во Европа, е десет пати поголема отколку во Албанија.
Од земјите-членки на ЕУ, жителите на Бугарија, Романија и Латвија добиваат најниска минимална плата.
Од друга страна, Луксембург со години е на врвот на листата на европски земји со минимална плата. Во оваа мала земја со население од околу 602.000, минималната плата во 2015 година била 1.923 евра, а секоја година растела редовно, се додека минатата година за прв пат ја надмина магичната бројка од две илјади, поточно, достигнала 2.089 евра.
Интересен е и фактот дека минималната плата во Луксембург е зголемена за 219 евра во последните пет години, што е повисоко од сегашната минимална плата во Албанија од 213 евра.