За време на полицискиот час којшто во сабота и недела ќе почнува од 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот следното утро производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени. Согласно заклучокот од дванаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб на Владата на а ве известуваме дека работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење на сменска и ноќна работа. Тоа се истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица на компанијата.
Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.
Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР.
Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел - во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје.
Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштита на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките:
-Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до2м.
-Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини.
-За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко нивона лична и општа хигиена.
-Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).
-Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.
-Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш да се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.
-Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.
-Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).
-Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.
- Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.
- Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на меил.