Принцот Вилијам објави дека сака да му се врати на активното летање како хеликоптерски пилот во Националната здравствена служба на Велика Британија.
На овој начин, Војводата од Кембриџ сака да се вклучи во борбата против коронавирусот, којшто предизвика големи проблеми на Островот.
Претходно, Вилијам управуваше со хеликоптер цели 18 месеци до 2017 година, а информацијата за можно враќање ја соопшти за време на неговата посета на центарот за Национална здравствена служба во Лондон.
Тој знае дека целата земја треба да придонесе и затоа сака да помогне. Но, тоа е комплицирано затоа што тој е член на кралското семејство. Таа улога во моментов е уште поважна затоа што Чарлс е болен, Хари се дистанцираше од семејството со МЕган, а Ендру се повлече од јавниот живот. Сепак, Вилијам е подготвен да го направи тоа што е потребно, изјавил извор за Сан.
Големо прашање е дали кралицата Елизабета ќе се согласи со овој избор на принцот Вилијам, особено ако се земе предвид фактот дека секој четврти доктор во Националната служба е заразен со коронавирус.
Така, Вилијам, дури и како пилот, би бил во голем ризик од контакт со вирусот Ковид-19.
Покрај тоа, бројот на пациенти и смртни случаи во Велика Британија се зголемува, а досега околу 1.400 луѓе починале како резултат на коронавирусот.