Банките ги одложија кредитите за шест месеци, но каматите не ги простија. И за време на грејс периодот, на должниците ќе им биде пресметана камата која ќе мора да ја платат по завршувањето на кризата.
И додека ова наиде на силни критики од јавноста, од банкарскиот сектор сметаат дека доколку не се пресметаат каматите во грејс периодот, тие ќе работат со загуби со што се ограничува можноста за идни поповолни кредити.
Би сакале да укажеме дека непресметување на каматата за кредитокорисниците не е можно, бидејќи банките и штедилниците, како посредници помеѓу тие што штедат и тие што земаат кредити, мора да ја одржат ликвидноста, квалитетот на активата и на капиталот. Банките работат со пари на штедачите и имаат обврска за тие средства да пресметуваат и веднаш да исплаќаат камата и тоа претставува директен трошок за банките. Доколку во такви услови не пресметуваат камата на кредитните пласмани, не ќе можат да остварат приходи и ќе работат со загуба, која ќе падне на товар на капиталот на банките. На тој начин ќе се ограничи можноста за пласирање кредити, а тоа долгорочно ќе има негативен ефект и ограничување на пласирањето кредити. Затоа актуелните политики што ги спроведуваат банките се со цел обезбедување континуирана поддршка на редовното работење на граѓаните и на компаниите и за одржување на ликвидноста на банкарскиот сектор и на финансиската стабилност на земјата, велат за порталот Фактор од Македонската банкарска асоцијација.
Камата се пресметува и во Словенија, Црна Гора, Албанија и Србија
И во другите земји од регионот каде што се водеде т.н. мораториум на кредитите, каматите не се бришат или простуваат.
Досега, тоа го направија Словенија, Црна Гора, Албанија и Србија, но исто како и кај нас, каматите и натаму се пресметуваат и се репрограмираат во следниот период.
Банкарите велат дека нивниот потег за привремен мораториум на плаќањата во секој случај значи олеснување за клиентите додека трае целата оваа состојба со коронавирусот.