На влезот на општина Гостивар е поставен тунел за дезинфекција. Овој тунел врши автоматска дезинфекција кога минувате низ него. Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари вели дека целта е симболична - да се грижиме за хигиената.
„Се дезинфицира секој кој влегува во општина Гостивар. Се опфаќа површината на телото на секој граѓанин кој влегува во Гостивар. Подготвуваме уште еден ваков тунел во центарот на општина Гостивар“, истакна Арбен Таравари.
Овој производ е осмислен од компанијата Универзал од Гостивар која се занимава со производство на угостителска и медицинска опрема од инокс.
Менаџерот на компанијата, Ерзен Несими вели дека идејата се родила по прогласување на вонредната состојба и компанијата сакала на овој начин да даде свој придонес. Несим објаснува како да биде поефикасен овој производ.
„Најдобар начин за употреба на овој тунел е да се влезе со раширени раце и да се чекори полека, околу 15 секунди низ тунелот. Добро е да се завртите за 360 степени и на тој начин системот е поефикасен“, вели Ерзен Несими.
Интерес за овој производ веќе пројавила и компанија од Турција и Унгарија како и група маркети од земјава.
„Имавме многу повици, најмногу од приватните бизниси. Има интерес од синџир супермаркети да се монтира пред нив, не изненади бидејќи имаше барање од Турција а исто така и од Унгарија, а со институциите сме во преговори“, додава Несими.
Хигиенскиот тунел кој е во функција пред општина Гостивар е прва верзија од овој тип производ. Од компанијата Универзал велат дека веќе работат на поприлагодлива верзија бидејќи производот е мобилен.