„Толку алкохол не ни се потроши ниту за Нова година“, коментираа вработени во скопски супермаркет. На секој час од магацините ваделе нови пакети алкохолни пијалаци, а на удар од купувачите кои се подготвуваа за долгиот карантински викенд биле и лебот и сите видови грицки.
Во првите три часа ја потрошиле сета залиха на леб, па оние кои дошле подоцна откако ќе забележеле дека нема леб купувале замрзнато лиснато тесто, кифлички и пити. Метеж пред дуќаните имаше уште од рано утрово, а скопјани во долги редици чекаа за влез.
Редици имаше не само пред секој поголем супермаркет, туку и пред малите дуѓанчиња, пред аптеките, поштите, банките. Препораките да носат маски и ракавици кога одат на пазарување во најголем дел од граѓаните ги почитуваа, а онаму каде што ќе се појавеше некој без маска и ракавици, останатите го предупредуваа да си замине.
Дел од сопствениците на супермаркетите потврдија дека откако е воведена вонредната состојба се троши многу алкохол, но точни бројки велат дека се уште немаат.
Поради зајакнувањето на мерките за заштита од коронавирусот движењето на територијата целата држава е забрането од денес од 14 часот до понеделник во 05 часот. Карантински викенд првпат беше воведен во Куманово, минатиот викенд, кога граѓаните имаа само неколку часа да набават се што им треба да за два дена.
Денес секоја општина поединечно информираше кои маркети добиле дозволи за достава на продукти за време на полицискиот час.
Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат најави дека нивни инспектори ќе бидат на терен за време на полицискиот час и ќе ги казнуваат маркетите доколку вршат достава до дома без дозволи од Кризниот штаб.