Луксузните торби официјално станаа одраз на материјалниот статус. Зголемувајќи ја својата вредност за 13 проценти, тие го зазедоа местото кое до вчера им припаѓаше на ретките шишиња виски.
Најновиот извештај на агенцијата за истражување на богатството Knight Frank, покажа дека во 2019 година луксузните торби биле далеку подобра инвестиција од уметничките дела. Иако вредноста на уметничките дела пораснала за 5 проценти, цената на луксузните торби се зголемила за 13 проценти што го направи нивното колекционерство повторно ин, според индексот на Knight Frank.
Според ова истражување, на пазарот за торби кој експлодирал на аукциите и продажбата преку интернет, доминираат торбите “Биркин”, направени од францускиот дизајнер Хермес. Вредноста на “Биркин” торбите во 2019 година пораснала за 13 проценти, се наведува во извештајот.
Иако торбите направени од други луксузни брендови, како што се “Шанел” и “Луи Витон”, се исто така колекционерски, сепак оние што ги прави Хермес се најскапи и се сметаат за најпосакувани, изјави Себастијан Дути, директор на Art Market Research.
Најскапата торба што некогаш била продадена е “Биркин” и истата се смета за светиот грал помеѓу торбите. Направена од хималајска бела крокодилска кожа украсена со дијаманти, нејзината вредност достигна 379.261 долар. Ознаката “хималајска” не се однесува на потеклото на торбата, туку на деликатната градација на бисерно белата боја која потсетува на величенствените Хималаи покриени со снег.
Засега не е познато колку примероци се произведени од Хермес, но познавачите велат дека ги нема многу. Според истражувањето Бернштајн, Хермес произведува околу 12.000 торби годишно, но до нив можат да стигнат само врвни клиенти.
Во 2019 година агенцијата Knight Frank за прв пат ги стави луксузните торби во рангот на колекционерски предмети.
После торбите, друг колекционерски предмет со најдобри перформанси во 2019 година се поштенските марки со раст од 6 проценти. Цените на ретките шишиња виски пораснаа за 5 проценти што е исто како кај цената на уметничките дела. Цената на часовниците порасна за 2 проценти, додека вината забележаа добивка од 1 процент. Најлошо поминаа класичните автомобили и накитот на кои вредноста им опадна за 7 проценти.