Еден несреќен Кинез поминал скоро два месеци во домашен карантин, три пати по 14 дена, па стана главна тема на социјалните мрежи во Кина.
Ксионг од градот Џининг, кој се наоѓа на истокот на провинцијата Шандонг, го поминал цел февруари и половина од март во својот дом поради трикратниот карантин што медиумите на шега го нарекоа: “купи еден, ќе добиеш два”.
Првиот пат кога Ксионг морал да замине во домашна изолација се случил на 8 февруари кога неговиот град бил затворен поради пандемијата на коронавирусот, а тоа се случило само два дена откако тој се вратил од Филипините.
После тоа, му било забрането да излезе од својот дом 14 дена, што во тоа време му изгледало многу тешко, а сепак на крајот излезе дека ова е само дел од целиот карантин кој за него траеше 50 дена.
Во видеото кое стана вирално во Кина и доби десетици милиони прегледи на неколку платформи, Ксионг открил дека откако поминал две недели во изолација, тој конечно добил шанса да прошета низ неговата населба, но веднаш штом ја искористил можноста да зачекори надвор од својот дом, тој е принуден на нов карантин.
Ни беше кажано дека треба да бидеме во изолација две недели. Откако поминаа тие 14 дена, решив да се прошетам низ соседството. Штом излегов од куќата, таму беше мојот сосед кој штотуку се вратил од Јужна Кореја. Тој ми се приближуваше со медицински стручњак кој веднаш ме врати во куќата на уште 14 дена. Не се осмелив да му се спротивставам, вели Ксионг.
За жал, после првиот период на самоизолација, овој несреќен човек повторно заврши затворен во својот дом на уште две недели.
Се надевав дека овие 14 дена ќе поминат побрзо. Честопати лежев на подот и не правев ништо по цел ден. Откако ми заврши вториот карантин, не се шегувам со вас, брат ми се врати од Сингапур и веднаш дојде кај мене, па добив уште 14 дена. Се тркалам на подот скоро 50 дена и не правам ништо друго, вели Ксионг.
Неговата приказна, според корисниците на социјалните мрежи во Кина, звучи како сценарио од некоја комедија и се случила во идеално време затоа што самиот протагонист се смее на своја сметка. Досега тој беше во карантин три пати, поради што стана славна личност во Кина, а неговите снимки станаа вирални во земјата.
Ксионг изјави дека се надева дека нема да има четврти пат.