Улцињ би можел да биде пожелна дестинација за туристите од регионот по олабавување на мерките за справување со коронавирусот, велат туристичките работници, додавајќи дека очекуваат гостите да пристигнат во јули и август.
Директорот на Организацијата за туризам во Улцињ, Фатмир Ѓека, изјави дека е оптимист во врска со туристичката сезона, пренесува МИНА.
– Уверен сум дека во јули и август ќе имаме туристи. Улцињаните се вредни и многу брзо ќе се подготват за сезоната. Во случај на отворање на границите, предност ни е што сме лесно достапни за туристите од регионот, кои минатата година сочинуваа повеќе од 70 проценти од вкупниот број на туристи – рече тој.
Ѓека смета дека предност на Улцињ е Големата плажа, долга 12 километри, каде може да се обезбеди социјална дистанца доколку има потреба.
– За нас, пропаѓањето на сезоната би бил катастрофален, но веруваме дека тоа нема да се случи – додаде тој.