Илјадници хотелиери во Австрија имаат намера да ја тужат државата и да побараат надомест за присилното затворање на нивните објекти поради пандемијата на коронавирусот.
На Австрија и се заканува тужба за надомест на стотици милиони евра поради загубата што ја претрпеле австриските хотелиери затоа што државата им ги затвори објектите.
Иако се уште не е јасно дали постои правна основа за тужбата, бројот на хотелиери кои имаат намера да ја тужат државата секојдневно расте.
Така, се проценува дека само во провинцијата Тирол има околу 3.500 побарувања, а нешто повеќе од 2.000 се во Салцбург, објавија од Здружението на австриски хотелиери (ОеХВ).
Илјадници побарувања се очекува да има и во другите провинции.
Хотелиерите се надеваат на обесштетување барем за првите две недели од воведувањето на ограничувањата за движење и пристап до хотелите и рестораните, период кога се уште беше на сила стариот Закон за епидемија.
Стопанската комора во Салцбург очекува хотелиерите да добијат надомест за тој период, а исплатата на средствата би траела најмалку половина година.
Претседателот на експертскиот тим на Комората, Рајнхолд Хаук, рече дека барањето за обесштетување за тој период е неспорно.
Сепак, други експерти тврдат дека е можно да се бара надомест за подолг период, бидејќи забраната за пристап на туристите е исто како забрана за работа.
Правно гледано, се уште не е јасно дали и за кој период австриските хотелиери би можеле да добијат отштета, но повеќе од сигурно е дека со ова прашање ќе се занимаваат највисоките судски институции во земјата.