Ова лето по сè изгледа поскапо кафе ќе се пие на охридското крајбрежје. Новите правила за работа кои угостителите сè уште ги немаат добиено, а ќе треба да ги исполнат ако сакаат да работат, можно е да ги покачат цените на услугите. Aко до пред затворањето на објектите поради пандемијата цената на едно кафе се движеше меѓу 70 и 90 денари, сега ситуацијата ќе наметне повисоки цени, најавуваат угостителите.
„Мене логично ми се наметнува таква работа. Штом мене ми се појавуваат додатни непредвидени трошоци, требало маски, требало визери, требало нараквици кои требало да ги менуваме по три-четири пара, а тие трошоци сме ги немале до сега…“, рече Димитар Зарчев-угостител.
Иако беше најавено дека угостителските објекти од понеделник би можеле да почнат со работа, сопствениците велат дека до сега немаат добиени никакви насоки за работа или предлог-правилници. Она до што дошле како информација e дека на 10 м2 ќе може да се постави една маса за четворица.
„Овие услови кои сега ќе бидат воспоставени нееднакви, ги засегаат сите угостители. Големината на отворениот простор на терасата, местоположбата…“, вели Михаил Мишев-претседател на здружение на угостители на Охрид.
Паушално е дадена некаква димензија од 10 м2 за маса, велат нашите соговорници. Според нив, ако таа мерка се однесува на рестораните, тогаш може да има некаква логика, но што ќе се случува со кафулињата на кои целата тераса им е со толкава големина? Поради сето ова и поради скратеното работно време, некои од угостителите во нашиот најголем тористички центар велат дека ќе го преполоват персоналот, но можно е и воопшто да не отворат.