Кариерниот пат на Александар Темелковски, архитектот чиј тим стои зад продавницата на Асикс во Скопје Сити Мол, од цртеж до реализација
За желбата да стане архитект Александар вели:
Уште како мал, со тогашните лего-коцки единствено нешто што правев беа куќи и згради, понатаму тоа беше главниот мотив на моите детски цртежи… Мислам дека отсекогаш знаев дека сакам да бидам архитект, градител.
Како средношколец, се запишува во ГУЦ „Здравко Цветковски“ во Скопје, но поради тешка фрактура на ногата која барала оперативно лекување и долга рехабилитација, Александар се префрла во најблиското електротехничко средно училиште, кое што го завршува со одличен успех.
И покрај тоа, тој не се откажува од она што најмногу го сака - архитектурата. Се запишува на Архитектонскиот факултет во Скопје:
Студентските денови се најубавиот период во мојот живот, со многу дружења, цртања, непроспиени ноќи дома и на факултет и во еден сплет на многу животни околности го завршив факултетот, а во меѓувреме работев, го учев занаетот - практично и на терен. Со работа започнав во 2001 година, и никогаш нема да го заборавам денот - 6.6.2001 и моето прво вработување во „Леснина инженеринг“.
Зорица, Марија, Емилија, Маријан, Саше... луѓето кои несебично ме учеа на сè, кои ме водеа со нив на терен и ми велеа: стој, слушај, учи. Тоа беше убава работна средина која дополнително ја доразвива љубовта кон професијата и желбата за нови знаења.
Александар работи на значајни проекти, како што е американската амбасада, каде што значително го проширува своето дотогашно знаење и работи по нови принципи и стандарди на работа, кои ги следи и ден денес...
Тој период беше надополнет и со едно мое кратко, но значајно појавување како дизајнер и водител во првата сезона на емисијата „Ајде дома“, каде во 15-тина епизоди покажав дел од моите знаења и вештини во проектантскиот и изведбен дел, и по која долго време ме препознаваа на улица како „дечкото од телевизија“. Тоа беше прва емисија од таков вид во нашата држава.
Благодарение на љубовта кон работата, знаењето, трудот и успешните проекти Александар во 2007 година оформува своја компанија - „ИНТЕРИО ТД Дизајн“:
Веќе од почетокот на 2007 година почнав самостојно да работам заедно со мојата другарка и колешка Марија Даутовска, со која заеднички ја оформивме нашата фирма „ИНТЕРИО ТД Дизајн“. По 6 годишна заедничка работа, Марија замина да живее во Италија, а јас продолжив самостојно за во 2016 година повторно да ја обновивме соработката со мојата драга колешка од моето прво вработување во „Леснина инженеринг“ Зорица Пенџерковска, архитектка која исто така веќе години наназад самостојно ја работеше истата работа со својата фирма „ЛИКО Концепт“.
Нашата соработка продолжи онму кадешто застанавме: заеднички развивавме концепциски идеи, ги разработувавме на хартија и ги реализиравме. Ентериерите ни се на прво место, и во нашата референтна листа имаме многу значајни проекти и изведени објекти, (канцеларии, лаборатории, продавници), почнувајќи од Sinlab, Netcetera, Pandora, My Time, ASICS, и многу индивидуални станбени, административни и деловни објекти.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш во својата професија а што е најголемото задоволство?
Секој нов проект е нов предизвик. Обид да вметнеш нешто ново, нешто невообичаено, впечатливо, нешто што никого нема да го остави рамнодушен. Тоа понекогаш е некој интересен елемент во просторот, боја или апликација на ѕид, обработка на под и сл. Предизвикот е дизајнот да е секогаш актуелен, стилски да одговори на поставената задача од една страна, барањата на инвеститорот од друга, и, нормално, креативноста на архитектот да го создаде и реализира тој проект. Тоа всушност е и задоволството – добро завршена работа, задоволни клиенти и лична сатисфакција.
А во однос на временската рамка Александар вели дека реализацијата на еден проект може да треа од 15 дена до 3-4 месеци.Се зависи од големината на проектот и барањата на клиентите.Но се е поинаку кога се работи за конкретни брендови кои веќе имаа свои продавници и веќе свој креиран архитектонски и дизајнерски стил..
Александар: Доколку се работи за некој конкретен бренд, тие секогаш ги даваат сите насоки во однос на тоа како треба да изгледа просторот, какви содржини треба да има, какви бои да се употребат, какви подови, какво осветлување, каков да биде распоредот на елементите во просторот. Работата на архитектот во еден таков простор е да ги усогласи сите тие барања, и да употреби локални ресурси при изведба на сите фази на проектот. Кај индивидуалните објекти архитектот е ослободен од зацртаните правила и прописи и со својата креативност има поголема слобода за креативен израз.
Порано продавниците личеа една на друга, се знае полици и каса, како сега гледате на уредувањето на продажните објекти?
Зорица: Новите времиња носат поинаков пристап во уредувањето. Големите брендови во рамките на своите административни ресурси имаат посебни сектори кои се грижат за тоа како треба да изгледаат нивните продажни објекти. Кај некои тоа се само насоки во однос на бојата и материјалите што треба да се применат во просторот, додека кај други се разработени и дефинирани и најситните детали, не само за тоа како треба да изгледа продажниот простор туку и поставувањето на артиклите на точно определено место во просторот. Но, тоа веќе спаѓа во една поширока анализа на пазарот, каде маркетингот се наметнува како основен концепт, а архитектурата е во служба на тие стратешки определби за подобра и поголема продажба, за добро презентирање на артиклите во просторот. Кога ќе се задоволат сите овие аспекти, тогаш успехот е неизоставен.
Како ја добивте довербата од Асикс?
Александар: Сосема случајно, со препорака. Тие бараа локален тим кој ќе ги разработи идеите поставени од „Асикс“ и делумно развиени на ниво на концептуален идеен проект во регионалниот центар со тим од архитекти во Белград, додека ние требаше да го разработиме во детали и со континуиран секојдневен надзор при изведба, проектот го реализираме до најситните детали. Притоа требаше да го имаме предвид времето кога може да се работи и да се прави бучава во „Сити мол“, а тоа е од 22.00 навечер до 10.00 наутро. Се работеше и преку ден, но во построги услови: нема шетање на екипите мајстори низ трговскиот центар, нема испорака на градежни материјали и алат, нема работа со машини кои создаваат бучава и сл.
Колку време работевте на уредувањето како течеше целата активност, од цртеж до реализација?
Зорица: Најпрво бевме во посета на продавницата на „Асикс“ во „Ада мол“ во Белград, каде ги „снимивме“ сите детали кои се важни за продавницата. Имавме работен состанок со архитектите од Белград кои ни посочија на кои се работи треба да внимаваме при разработката на проектот и неговата реализација. Со проектните активности почнавме некаде во октомври–ноември 2019 година и планот беше да се започне со реализација на проектот во јануари 2020 година, а отварањето да биде при крајот на месец февруари. Со планот кој го направивме сметавме дека 35 работни дена се доволни за изведбата. И имавме право, го завршивме во предвидениот рок со тоа што мебелот малку доцнеше, па отворањето се одложи за една недела.
Александар: Инаку, почнавме со оградување (затворање) на просторот, со уривање на постоечките ѕидови и плафони, со диспозиција на дел од постојната инсталација за климатизација и противпожарна заштита, со целосно отстранување на постојните подни облоги, следуваше изведба на комплетно нова електрична инсталација, машинска инсталација (климатизација, греење и вентилација), нови подови од гранитни плочи, изработка на нови ѕидови, нови влезни портали, усогласување со постојните инсталации, молерисување на просторот, нови врати, сензори, видеонадзор, озвучување и осветлување и финално тестирање на сите нови инсталации, пробно тестирање на озвучувањето, кое заедно со осветлувањето ми остави најдобар впечаток! Сметавме дека во постојниот проект пултот за каса е мал, па дополнително ја разработивме позицијата и го проширивме, висината на осветлувањето беше зададена од „Асикс“ а детерминирана од постојната висина на просторот, се направија 2 влеза, се позиционираа штендерите, ѕидните полици, согласно правилата и пропозициите и на крај го нагодивме осветлувањето за да се акцентираат местата со изложените артикли.
За жал, ситуацијата со пандемијата и мерките кои се презедоа во насока на заштита на пошироката популација и кои сè уште траат, го одложи отворањето на продавницата на „Асикс“.
Кој беше најкомплициран дел ако постоел таков и на какви предизвици наидовте?
Зорица: Најпрво направивме проект за машински инсталации (климатизација, греење и вентилација) но откако го отстранивме постоечкиот плафон наидовме на делови од инсталација кои не можеше да се репозиционираат, па така, бевме принудени брзо да реагираме и да го смениме и прилагодиме проектот и изведбата согласно постојната инсталација.
Александар: При повторната монтажа и проверка на противпожарната инсталација ни ги испрскаа со вода штотуку измолерисуваните ѕидови, па моравме одново да ги молерисуваме. Но, во нашата работа се случуваат такви нешта и секогаш постои решение. Во такви ситуации, мојот одговор секогаш е дека јас сум учел за архитект, не за лекар, и во нашата професија сè може да се поправи и да биде како што треба! :)
По што е посебен дуќанот на Асикс од професионална гледна точка?
Зорица: Интересна комбинација на антрацитно сива боја и природно дрво кое се појавува на сегменти во просторот. На прв поглед едноставен, суптилен, но смел и привлечен.
Александар: Таму е најдоброто озвучување што сум го видел и слушнал, не само во „Сити мол“, туку и пошироко.
На кои проекти сте посебно горди и кои се вашите идни проекти?
Зорица: Веќе ги спомнавме погоре: Sinlab, Netcetera, Pandora, My Time, ASICS, и многу индивидуални станбени, административни и деловни објекти. Нашата долга работна кариера креира во просек над 50-тина проекти годишно, а тоа значи дека имаме барем 1.000 во изминативе 2 децении.
Александар: Периодов работиме ентериери на неколку индивидуални станбени објекти и се трудиме да се адаптираме на новите услови за работа, пред сè да комуницираме со клиентите по електронски пат, да не се групираме многу по објекти и да се заштитиме самите себеси, но и луѓето околу нас. Како и секаде, обемот на работа е намален, но ние сме оптимисти дека ќе биде и мора да биде подобро и дека успешно ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочуваме.
Зорица: По сиве овие години работа, по многу реализирани проекти, најубаво е чувството кога зад себе оставате задоволен клиент, кога сте му ги исполниле барањата, кога сте внеле некој свој печат и сте ги надминале неговите очекувања; кога во административните простории и канцеларии сте создале прекрасна работна атмосфера, каде гледате среќни и задоволни лица кои си ја сакаат својата работа и уживаат во просторот во кој работат; каде во продавниците, како што е и онаа на „Асикс“ во „Сити мол“, не можете, а да не застанете пред излогот, да влезете внатре, макар и само да разгледате, каде излегувате со мисла дека ќе дојдете повторно, дека сигурно ќе имате еден од производите што ги нуди.
Александар: Просторите кои ги создаваме треба да се убави, да развијат убави чувства кај сите: кај инвеститорот, сопственикот, кај семејствата и посетителите, кај случајните минувачи... Кога креирате таква енергија, тогаш и успехот во животот и работата е неминовен: среќно семејство, среќни вработени лица, среќни и задоволни купувачи. Тоа е најголемата сатисфакција за секој добро изработен и реализиран проект.
Зорица Пенџерковска, д.и.а.
Александар Темелковски, д.и.а.