Не сте земале плата два месеци? Не ви тече здравственото осигурување, а се' уште имате договор за вработување? Еве кои се казните за работодавачот што не се придржува кон тоа навремено да ги исполни обврските кон вработените.
Во Законот за работни односи утврдено е дека платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Според истиот Закон, платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. На пример, платата за месец април мора да ја земете до 15-ти овој месец.
Ако денот на исплаќањето е слободен ден, платата се исплаќа најдоцна до идниот прв работен ден.
Секој работодавач е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето.
Во Законот е наведено дека работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договор за вработување. При исплатата на платата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор согласно со законот.
Платата е составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци. Работодавачот може на работникот да му исплати 13-та плата доколку има можност и сака тоа да го направи.
Сепак, доколку во законскиот рок работодавачот не исплатил палта, и не уплатил придонеси од плата тогаш според Законот тој ќе се соочи со глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противредност.