Нови обвинувања против Меган Маркл дека го малтретирала персоналот во палатата
Во британските медиуми повторно се појави приказна дека војвотката од Сасекс го малтретирала персоналот вработен во Кенсингтонската палата, а тоа го тврди и најстариот член на персоналот, кој поднесол тужба против неа, пред таа и принцот Хари да се повлечат од кралските должности.
Додека јавноста со нетрпение го очекува ексклузивното интервју на Опра Винфри со Меган и Хари, за кое се тврди дека ќе изнесе шокантни детали, во списанието „Тајмс“ се појави текст во кој се наведува дека во октомври 2018 година Џејсон Кнауф, кој бил асистент за комуникации за Хари и Меган, тврди дека војвотката избркала двајца лични асистенти од домот и ја нарушила довербата во трет член на персоналот.
Кнауф, кој сега е на чело од добротворната фондација на војводата и војвотката од Кембриџ, сакал Бакингамската палата да го заштити персоналот, за кој тврди дека бил под неподнослив притисок од Меган Маркл.
Се наведува и дека лично Хари го молел да престане со обвиненијата.
За „Тајмс“, портпаролот на војводите од Сасекс ги отфрлил тврдењата и рекол дека Меган и Хари се жртви на планирана кампања за омаловажување и понижување, втемелена на лажни и штетни дезинформации.
Адвокатите на одметнатата кралска двојка за весникот изјавиле дека ова го користи Бакингамската палата за да пренесе лажни приказни пред големото интервју на двојката со Опра Винфри, кое треба да се емитува на 7 март.
Тие додаваат дека војвотката била повредена од овој последен напад на нејзиниот лик, особено затоа што и самата била цел на насилство и е многу посветена на давањето поддршка на оние што преживеале болка и траума.
Во писмото што стасало во „Тајмс“, господинот Кнауф изразил загриженост дека ништо никогаш не е направено и дека во иднина нема да се направи за заштита на персоналот во палатата.
„Многу сум загрижен што во изминатава година војвотката малтретираше две лица од персоналот. Третманот на личноста Икс беше целосно неприфатлив. Изгледа дека војвотката има намера секогаш да има некого на пик. Ја малтретираше личноста Ипсилон и се обиде да ја разниша нејзината самодоверба. Имаме многу извештаи од луѓе што сведочат за неприфатливото однесување кон личноста Ипсилон“, цитираат во „Тајмс“ делови од имејлот на Кнауф.
Изворот за „Тајмс“ рекол дека принцот Хари, откако дознал за тужбата, се состанал со Кнауф и го молел да не продолжува. Адвокатите на Хари и Меган негираат каков било состанок.
Во текстот се споменуваат и дијамантските обетки кои Меган ги носела на вечерата во Фиџи во 2018 година, а ги добила како свадбен подарок од престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, за кој САД тврди дека го одобрил убиството на својот критичар, новинарот Џамал Кашоги.
Вечерата на која Меган ги носела обетките се одржала три недели по убиството, а во тоа време е објавено дека обетките се позајмени.
Во „Тајмс“ наведуваат дека Меган не негира дека тоа го кажала, иако била свесна за нивното потекло. Нејзините адвокати негираат дека кого било го довела во заблуда за потеклото на обетките.
Во врска со малтретирањето што Меган го негира, нејзините адвокати изјавиле дека службата ја напуштил само еден вработен откако се дознало за недоличното однесување.
„Да го наречеме тоа со вистинските зборови – планирана кампања за омаловажување, која се темели на лажни и штетни дезинформации. Разочарани сме што мораме да гледаме како овој клеветнички приказ на војвотката од Сасекс добива веродостојност од медиумите. Не е случајно што британските медиуми известуваат за овие искривени и неколку години стари обвинувања, чија цел е нарушување на угледот на војвотката, непосредно пред таа и војводата да прозборат отворено и искрено за своето искуство во последниве години“, изјави портпаролот на војводите од Сасекс за „Тајмс“.