Со површина од само 53 квадратни метри, овој хотел во Баварија се смета за најмал на планетата
Навикнати сме хотелите да бидат пространи, грандиозни, со големи сали и убаво украсени простории. Сепак, еден хотел во Баварија не ги исполнува сите горенаведени критериуми. Невозможно е да се организираат деловни конференции во него, ниту може да прими многу гости, но токму тоа е она што го прави уникатен.
Тој е најмалиот хотел во светот
Ако не ви пречи да спиете во просторија каде што, кога ќе ги истегнете рацете и нозете, ќе ги допрете двата sида и ако сакате да доживеете нешто невообичаено, тогаш хотелот „Eh'häusl“ е вистинскиот избор.
Распространет на површина од 53 квадратни метри и може да прими само две лица истовремено, овој хотел во баварскиот град Амберг се смета за најмал во светот.
Приказната за неговото потекло е многу интересна, а слободниот превод на неговото име е „куќа за брак“.
Зградата во која се наоѓа овој необичен хотел денес датира од 1728 година и во тоа време имала многу специфична намена. Имено, за да се венча една двојка во тоа време, било неопходно идните сопружници да поседуваат имот.
Но, за оние кои не можеле да си дозволат да купат имот, тука бил „Eh’häusl“.
Идните сопружници имале можност да го купат овој мал и многу тесен објект и со тоа да најдат „дупка во законот“ и да се венчаат без никакви проблеми.
Веднаш откако ќе ги потпишеле документите и се венчале, паровите го продавале „Eh’häusl“ на друга двојка, која исто така немала можност да купи свој имот за да стапи во брак.
Иако овој хотел е многу тесен, ги има сите потребни простории, како што се дневна соба, кујна, спална соба и бања и е луксузно опремен. Сепак, нема простор за персонал.
Според една од легендите поврзани со оваа необична зграда, се верува дека сите парови кои ја поминуваат својата прва брачна ноќ токму тука, ќе останат заедно до крајот на животот.