5 чекори до промена на кариерата
Совети

5 чекори до промена на кариерата

9/10/2026

Дали во последно време сѐ почесто размислувате да го промените работното место?

 

Во минатото луѓето се вработувале во една компанија и ја работеле истата работа сè до пензионирање. Тие времиња дефинитивно се зад нас. Денес луѓето многу почесто се одлучуваат да ја променат кариерата, а некои тоа го прават и повеќепати.

Без разлика зошто сакате да ја промените професијата, добро е да пристапите стратешки. Ако одлуката ја донесете внимателно и промислено, голема е веројатноста промената да Ви донесе поголемо задоволство од работата. Во продолжение објаснуваме како најдобро да ги испланирате следните чекори во кариерата.

Зошто луѓето се одлучуваат за промена на кариерата?

Промената на кариерата, професијата или областа на работа стана сосема вообичаена. Најчестите причини се желбата за помал стрес, поголема флексибилност и подобра рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот, повисока плата, можност за напредување и, секако, чувството дека трудот е ценет на работното место.

Како да ја промените кариерата?

Доколку размислувате за промена на професијата, без разлика на Вашата возраст, следниве насоки можат да Ви помогнат:

1. Направете личен попис на своите вештини

Почнете да водите дневник. Најпрво размислете како се чувствувате на сегашното работно место и како тоа чувство влијае врз Вашето задоволство од работата. Запишувајте ги мислите што често Ви се повторуваат, важните настани и чувствата што ги предизвикуваат.

Поставете си прашања како: „Што ми се допаѓа, а што не ми се допаѓа во мојата работа?“ Одговорете искрено, запишете ги мислите, а потоа прочитајте ги одговорите наглас. Врз основа на запишаното ќе можете појасно да согледате колку сте задоволни од сопствената кариера.

Направете и личен попис на вештините, вредностите и интересите поврзани со Вашата работа од соништата. Сетете се на моментите кога сте биле успешни и размислете што сте правеле тогаш – без разлика дали станувало збор за редовна работа, волонтирање, практикантство или нешто друго.

Утврдете кои вештини придонеле за Вашиот успех и како можете да ги примените на други работни места што би можеле да Ве интересираат.

2. Одлучете дали сакате да ја промените дејноста

Додека откривате повеќе за себе и за видот работа што Ве исполнува, треба да одредите и на кој начин сакате да го промените професионалниот пат.

За некои луѓе промената на кариерата значи нов почеток во сродна или сосема нова дејност. Други, пак, можеби ќе побараат нова професија во рамките на истата дејност.

Пример: Тања работи како медицинска сестра во болница, во три смени, и се грижи за голем број пациенти на своето одделение. Таа сака да ги промени работата и средината, па своето знаење може да го примени во индивидуална работа како лична асистентка на лице на кое му е потребна помош. На тоа работно место би работела само во две смени.

За да одлучите што е најдобро за Вас, врз основа на личниот попис на вештини треба да процените кои професии и дејности најмногу одговараат на Вашите потреби.

3. Разгледајте ги можностите

За подобро да се запознаете со професионалните можности, направете список на професии и дејности што одговараат на Вашите способности и вредности.

Ако тешко пронаоѓате професија што одговара на Вашите потреби, посоветувајте се со колегите и професионалните контакти. Една од можностите е и кариерното советување, кое може да Ви помогне да дознаете повеќе за својата личност и за тоа каде се вклопувате на денешниот пазар на трудот.

Разгледајте ги можните професии и направете потесен избор на оние што сакате дополнително да ги истражите. Овој почетен чекор ќе Ви помогне да ја одредите насоката на професионалната преориентација.

4. Истражете ги потенцијалните можности за вработување

Откако ќе го сведете изборот на само неколку видови работни места, можете да започнете со подетално истражување.

Доколку некоја област особено Ве привлекува, обидете се да дознаете повеќе од луѓето што навистина работат во неа. Разговарајте со луѓе што веќе ги познавате или побарајте помош од колеги, пријатели и роднини кои можат да Ви обезбедат информации од прва рака.

Темелно истражете ја дејноста и внимавајте информациите што ги добивате да бидат точни, веродостојни и проверливи.

5. Подгответе акциски план

Подготовката на акциски план значи јасно да ја одредите целта и временската рамка за нејзино остварување.

Ако темелно сте го направиле истражувањето, во оваа фаза веќе би требало да можете да ја насочите промената кон конкретна професија. Сега е време да размислите што сè Ви е потребно за да ја постигнете целта.

Размислете за дополнителни обуки и сертификати, развивање на вештините, учество на настани за професионално поврзување и искористување на можностите за практична работа во одредена дејност или област.

Запишете ги чекорите што планирате да ги преземете, како и роковите за нивно спроведување.

Доколку се одлучите за промена на кариерата, важен дел од процесот е и задржувањето на позитивниот начин на размислување. Бидете отворени за учење нови работи и приспособување на нова средина. Бидете истрајни во потрагата по работа и професија што ќе Ве исполнува и ќе Ви носи задоволство.

Не заборавајте дека секој човек – да, дури и лицето што во моментов ја работи Вашата работа од соништата – барем еднаш се нашол на истото место на кое сега се наоѓате Вие: на самиот почеток, но со голема желба за учење, развој и успех.

Ако сте сигурни дека Вашиот следен кариерен чекор треба да биде промена на професионалниот пат, не двоумете се – храбро тргнете во пресрет на новите предизвици.