Цените во фаст-фуд продавниците во последните месеци тивко, но упорно растат, а резултатот е јасен на менито: хамбургер и до 270 денари, чизбургер 280, а шарската плескавица – ако е „комплет“, со помфрит и салати, надминува и 300 денари.
За оброк што се јаде стоечки или набрзина во автомобил, тоа веќе не е мала сума.
„Порано со 100 денари можеше да се најадеш солидно. Денес, со тие пари не можеш да го платиш ни сокчето“, вели еден редовен потрошувач, кој признава дека сè почесто размислува дали воопшто да влезе во фаст-фуд објект.
Брзата храна, која некогаш беше избор од нужда, сега станува луксуз од навика.
Познавачи на пазарот објаснуваат дека зголемувањето на цените не е изолиран феномен. Скапите суровини, повисоките трошоци за енергија, кириите и платите, неминовно се прелеваат и во овој сегмент.
„Фаст-фуд индустријата не е имуна на инфлацијата. Месото, маслото, лебот – сè поскапе. Некој мора да ја плати таа разлика, а најчесто тоа е крајниот купувач“, посочуваат економски аналитичари.
Но, тука не завршува приказната. Според експерти за потрошувачки навики, проблемот е и во перцепцијата.
Брзата храна сè уште се доживува како „евтина“, иако реално одамна не е таква.
„Кога ќе споредите – за истите пари можете да изедете и дневно мени во некои ресторани, со салата и леб. Само што таму седите, чекате… а тука земате и одите“, велат познавачи на угостителството.
Некои сопственици на вакви објекти, пак, тивко признаваат дека маржите не се толку големи како што изгледа однадвор.
Работата е брза, притисокот е постојан, а конкуренцијата жестока.
„Ако не ги кренеш цените, не опстануваш. Ако ги кренеш, тогаш ризикуваш да изгубиш муштерии. Нема идеално решение“, коментираат од секторот.
Граѓаните, меѓутоа, имаат поинаква математика. За семејство од четири члена, едно „брзо јадење“ лесно надминува 1.200 денари. И тука веќе се поставува прашањето дали е навистина брзо и практично, или само навика што скапо се плаќа.
Особено кога станува збор за храна што не заситува долго, па по неколку часа повторно сте гладни… или барем така велат.
Во услови на постојан раст на животните трошоци, фаст-фудот ја губи својата основна предност, а тоа е пристапноста. Останува брзината. Но, дали таа вреди 300 денари по сендвич?
