Кога да резервирате и каде да престојувате: Шест совети за заштеда на летниот одмор
Актуелно

Кога да резервирате и каде да престојувате: Шест совети за заштеда на летниот одмор

7/14/2025

Цените за семејни all-inclusive аранжмани во некои од најпопуларните дестинации значително пораснаа во последната година. Но, доколку сакате да отпатувате во странство, постојат начини како да заштедите. Еве шест совети за намалување на трошоците:

1. Резервирајте однапред

Цената на сместувањето често зависи од тоа кога го резервирате. Јули и август се врв на летната сезона.

„Ако некогаш сте биле во Париз во август, знаете дека таму речиси нема никој – сите заминуваат на море или во планина,“ вели Шон Типтон, портпарол на Асоцијацијата на туристички агенции (ABTA).

Тогаш хотелите ги зголемуваат цените. Затоа е обично поевтино да патувате во јуни или септември. Доколку сепак морате да патувате во сезона, советот е да резервирате што порано. Тоа е малку како лотарија бидејќи не можете со сигурност да ја предвидите побарувачката, но во повеќето случаи – ако знаете дека ќе патувате во јули, август, за Божиќ или Велигден – резервирајте однапред.


2. Летајте среде недела и рано наутро

Најевтино е да се патува среде неделата.

„Викендите се најскапи затоа што повеќето луѓе тогаш патуваат, па цените растат,“ вели Типтон.

Истото важи и за времето од денот кога летате.

„Никој не сака да стане во три наутро за лет во шест, па токму тие летови се најевтини,“ додава тој.


3. Резервирајте хотел во последен момент

Ако не ви е важен точниот датум на патување, можете да најдете одлични last-minute понуди. Туристичките оператори често однапред резервираат голем број соби кои не успеваат да ги продадат – па непосредно пред поаѓање ги нудат по намалени цени.

„Агенциите добиваат информации за тие понуди, па се добар извор ако задоцните со планирањето,“ вели Типтон.

Друга опција е размена на домови – преку онлајн платформи што поврзуваат луѓе од различни земји кои сакаат да престојуваат во домовите едни на други. На пример, седумдневен престој во трособна куќа на Мајорка може да чини само 140 долари за сервисна такса и уште толку за чистење – наместо класичен хотел. Експертката за потрошувачки права Џејн Хокс предупредува:

„Луѓето треба да бидат внимателни со огласите на социјалните мрежи бидејќи измамниците често користат привлечни фотографии за да ги измамат туристите. По уплата ќе сфатите дека тоа место не постои.“

Совет: користете обратна проверка на слики (пр. преку Google) за да проверите дали фотографиите се автентични.


4. Плаќајте во локална валута

Немојте да менувате пари на аеродром – тоа е најскапото место за размена, вели Аластер Даглас од сајтот TotallyMoney. Подобро е да замените пари однапред. Ако ве загрижува курсот, заменете половина сега, а половина подоцна.

Добра вест е што денес повеќето луѓе користат картички – и тоа е попаметна опција, бидејќи можете да платите во локална валута, што често е најисплатливо.


5. Измерете го багажот

Непријатни трошоци може да ве изненадат уште пред да стигнете на одредиштето. На пример, некои авиокомпании наплаќаат печатење на борд карта на аеродром, вели Ники Келвин од The Points Guy.

Ако носите мал куфер како рачен багаж, внимавајте на димензиите и тежината – ако не се вклопи во мерниот калап, ќе мора да го предадете и да платите дополнително.

Џејн Хокс советува да ги запишете точните димензии од веб-страницата на авиокомпанијата и да го документирате сè ако дојде до спор.


6. Купете козметика однапред

Храната, пијалоците и козметиката се значително поскапи на аеродромите. Поради правилото за течности до 100 мл (делумно укинато само во Единбург и Бирмингем), луѓето често купуваат сè повторно на аеродром.

Решение: Нарачајте онлајн и подигнете ги производите во продавницата на аеродромот по безбедносната контрола. Така ќе заштедите и ќе ги избегнете ограничувањата за течности.

Уште еден совет: понесете сопствено шише за вода – повеќето аеродроми имаат чешми за дополнување. Исто така, понесете ужина од дома, особено ако патувате со деца.