Да се биде мајстор со речиси четири децении искуство е вистинска реткост, особено во професија која бара голема физичка издржливост, дисциплина и внимание на детали.
Живко Станишевски, денес Техничар за одржување и Ментор во Мотоцентар, е човек кој целиот свој професионален пат го посветил на пневматиците и сервисирањето на возила. Во компанијата е дел од тимот уште од 2006 година, а неговата прецизност и знаење денес ги пренесува на новите генерации вулканизери.
.png)
Од љубопитен почетник до мајстор со 36 години искуство
Што сакавте да бидете како мал?
Се сеќавам дека како дете имав желба да бидам пожарникар.
Дали се сеќавате на првата гума што ја сменивте — и дали ја завртевте правилно?
Првата гума ја монтирав во 1992 година. Имав многу трема и мала несигурност, но сепак ја монтирав правилно и успешно.
Што ве привлече кон оваа професија и што ве задржа цели 36 години?
Работата ми стана интересна уште на самиот почеток. Она што најмногу ме привлече е дисциплината и точноста што ја бара оваа професија – секоја интервенција мора да биде квалитетна и безбедна. Тоа ми овозможи да градaм професионализам и доверба кај клиентите.
Како изгледаше првиот работен ден во Мотоцентар во 2006 година?
Беше тоа сосема ново искуство за мене – работа во голема компанија со нови стандарди и повеќе можности за учење. Секако, ми требаше време за прилагодување, но тоа беше период кога најмногу напредував.
Технологијата се менува – вештината останува
Што најмногу се промени во оваа професија низ годините?
Се смени многу – од технологијата и машините, кои станаа автоматизирани, до самите пневматици кои се технолошки понапредни. Секој мајстор мора да се прилагоди на овие промени и да учи постојано.
Кои вештини според вас се клучни за да се биде одличен вулканизер?
‣ Прецизност и внимание на детали
‣ Брзина и ефикасност
‣ Физичка издржливост
‣ Одговорност и совесност
‣ Љубезна комуникација со клиентите
Познато е дека сте експерт за исправање на бандажи. Што е најважно да се знае за таа работа?
Бандажите најчесто се оштетуваат при удар во дупка или тротоар. Секое искривување мора машински да се исправи, и тоа од обучен и стручен мајстор. Оваа работа бара голема концентрација и искуство.
Сега сте на нова улога – техничар за одржување и ментор. Како изгледа менторскиот процес со новите колеги?
Процесот е постепен, но насочен кон резултати. Моето искуство од 36 години им го пренесувам на новите колеги со цел да научат правилно и безбедно да ја извршуваат работата. Работата како ментор носи голема одговорност – сè мора да биде направено квалитетно.
Што ви е најважно да им пренесете на новите вработени?
Правилен начин на работа, внимание на детали, прецизност и мотивација за постојано учење.
Што ве мотивира и инспирира секој ден?
Најголема мотивација ми се задоволните и лојални клиенти. Кога клиентите се враќаат со доверба и кога препорачуваат Мотоцентар на своите пријатели – тоа е најголемата награда.
Како ја одржувате педантноста и прецизноста во работата?
Тоа доаѓа со искуството, но и со карактерот. Јас по природа сум детален и педантен, па тоа ми е природен дел од работата.
Што значи за вас да бидете дел од тимот на Мотоцентар?
Тоа за мене е привилегија. Мотоцентар е компанија која секогаш се движи со новите стандарди, овозможува развој, напредување и позитивна атмосфера. Меѓусебното почитување е нешто што многу го ценам.
Порака до младите: Никогаш не се откажувај
Кој совет би го дале на младите кои сакаат да започнат кариера во оваа област?
Да не се двоумат. Во Мотоцентар ќе научат многу, ќе бидат пречекани со позитивна атмосфера и ќе имаат можност за напредување. Треба да бидат упорни и отворени за учење – успехот ќе дојде побрзо од очекуваното.
Брзи одговори со Живко Станишевски
1. Добар мајстор е...
- Oној што оставa задоволни клиенти и препораки.
2. Мајсторството се учи или се раѓаш со него?
- Се учи, но треба и предиспозиција.
3. Чист мајстор е добар мајстор?
- Да – чистотата и педантноста се знак за професионалност.
4. Колку е важна довербата со клиентите?
- Пресудно важна.
5. Како знаете дека сте завршиле добра работа?
- И по реакцијата на клиентот и по мојот сопствен стандард.
6. Три најважни работи што треба да ги знае секој возач за гумите:
1. Да разликува зимска од летна гума
2. Да внимава на правилен притисок
3. Да има резервна гума во возилото
Приказната на Живко Станишевски е доказ дека мајсторството се гради со љубов кон професијата, постојано учење и искрена посветеност на клиентите. Со 36 години искуство зад себе, тој не е само мајстор кој совршено ја познава својата работа, туку и ментор кој ја гради иднината на новите генерации вулканизери. За него најголема награда не се годините поминати во професијата, туку довербата и задоволството на клиентите – вистинскиот показател дека трудот вреди.

.png)
.png)