ЕСМ ЌЕ ВРАБОТУВА НАД 20 ЛИЦА: објавен огромен оглас, се бараат од хигиеничари до инженери
Актуелно

ЕСМ ЌЕ ВРАБОТУВА НАД 20 ЛИЦА: објавен огромен оглас, се бараат од хигиеничари до инженери

7/21/2026

Акционерското друштво Електрани на Северна Македонија или ЕСМ објави оглас во домашните печатени медиуми со кои се наведуваат дваесетина работни места кои треба да се пополнат.

Од објавата може да се види дека се бараат референти за правни и општи работи, но и архивар, работник за противпожарна заштита, возачи, автомеханичари, хигиеничари, кафекувари, машински монтер, инженер за техничка подготовка.

Платите кои се нудат за овие многубројни работни позиции се дури и малку контрадикторни. Еден пример би бил за позицијата домаќин – кафекувар, за што се нуди плата од 31.410 денари,  а од идниот вработен се бара средно образование и една година работно искуство.

За споредба машински монтер и електро монтер би добивале плата од 35.512 денари. И за овие позиции се бара средно образование и една година работно искуство, но тежината на работата и тежината на платата се неспоредливи.

Со овој оглас се бара и еден извршител за местото Одговорен за група геодетски набљудувања, а заинтересираните треба да имаат високо образование – Геодетски факултет и две години работно искуство. За оваа позиција платата достигнува примамливи 52.974 денари.

Се бараат и градежни работници за различни позиции, а меѓу условите кои се бараат, за дел задолжително е средно образование, додека за друг дел основно образование. Платите од 26 и 31 илјади денари.

Со овој оглас ќе пополнуваат и позицијата референт за купопродажба кој треба да има високо обраозвание и 2 години работно искуство, а неговата плата ќе достигне до 46.294 денари.

Ќе се пополнува и позициајта референт за магацинско и материјално работење, за што се бара средно образование со 1 година работно искуство и за плата од 32.816 денари.

Огласот трае три дена, и тоа без денот кога е објавен, а објавен е во текот на вчерашниот ден. Со оглед на краткиот рок за пријавување, сосема логичен е заклучокот дека овој оглас е наменет најверојатно за лица кои веќе работат, веројатно се хонорарно ангажирани и потребно е нивниот работен однос да биде променет, најверојатно во некое потрајно решение.

Меѓу условите кои се дел од огласот се бара пријава, доказ за завршено образование, доказ за работно искуство, уверение за државјанство, кратка биографија...

По изборите има драстичен раст на огласи за вработување во државните институции. Покрај пополнувањето на разни позиции во основни училишта, се бараат лица и за во општините, но и државни институции како Фискалниот Совет, НБРСМ, Собранието, Министерството за транспорт, како и Управата за јавни приходи - УЈП, Министерство за финансии, Генерален секретаријат на Владата на Македонија...

Фактор објави дека според новиот извештај на Агенцијата за администрација е забележан остар раст на одлуките за избор на нови примени административци во 2025 година. Бројот на избрани кандидати за една година е зголемен за неверојатни 132,62 отсто.

Инаку неодамна УЈП имаше нов оглас за вработување, а следуваа и нови огласи од повеќе министерства.