Колку закони треба да се сменат за да профункционира „Сејф Сити“
Актуелно

Колку закони треба да се сменат за да профункционира „Сејф Сити“

12/4/2025

За да профункционира системот Сејф Сити во Собранието треба да се донесат измени на пет закони. Законот за прекршоци, законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, законот за извршување санкции, законот за возила и Кривичниот законик.

Со измените на законот за прекршоци, на возачот му пристигнува порака дека направил сообраќаен пркршок, а бил фатен на камерите на Сејф сити. Добивате порака и мејл со линк до записникот. Ако за 24 часа не го отворите линкот, системот ве потсетува уште еднаш. Имaте осум дена да го отворите. Од моментот на отворање има уште осум дена за да ја платите казната по половина цена. По истекот на тие рокови, ќе треба да се плати целата сума од казната.

Ако сметате дека немате вина, со записникот одите во суд, а МВР мора да докаже дека прекршокот е навистина сторен. Ако пак возел некој друг, двајцата одите во полиција и записникот се префрла на вистинскиот возач. Ако не можете да отидете заедно, доволна е нотарска изјава од лицето што го управувало возилото која треба да ја предаде во полиција.

Доколку не платите казна, не одите во полиција ниту во суд, системот автоматски го предава вашиот случај на УЈП за присилна наплата.

Кај потешките прекршоци, кога покрај казна следува и забрана за возење, МВР ќе ве извести по порака или мејл дека судот донел решение дека имате забрана за возење. Осмиот ден од добиената порака забраната стапува на сила и тој ден добивате ново известување дека веќе не смеете да возите.

Законот за безбедност пак ќе се усогласи со Кривичниот законик и безобзирното возење, односно возење пијан со над 1,5 промили, под дејство на дрога, возење во спротивен правец и со брзина од 70км/ч над дозволената веднаш ќе одговарате кривично. Иако досега имаше контрадикторности и некои од овие дела се водеа и со прекршочни постапки, со овие измени возачот кривично ќе одговара.

Во измените на законот за возила, нотарите ќе имаат активен пристап до регистерот на возила за кога автомобил ќе биде продаден од едно на друго лице веднаш да интервенираат дека се менува сопственоста. Доколку пак сте го промениле бројот на телефон должни сте во полиција или во станиците за технички преглед да пријавите, во спротивно ќе ви биде изречена парична казна.

Во Кривичниот законик и законот за извршување санкции ќе се дорегулираат овие одредби и ќе има усогласување со законите.

Во моментов, единствено измените на Законот за безбедност на сообраќајот се донесени во Собранието. Измените на Законот за прекршоци се во процедура и се гласаат со двотретинско мнозинство, а преостанатите три закони се уште не се во собраниска постапка.

Ако Сејф сити стартува на 1 јануари, законите мора да бидат изгласани до крајот на декември. Ако почетокот се помести за 1 февруари, крајниот рок е 31 јануари.

Извор: sitel.com.mk