Еко Флуид: Циркуларната економија не носи само почиста животна средина, туку и нови работни места
Успешни бизнис приказни

Еко Флуид: Циркуларната економија не носи само почиста животна средина, туку и нови работни места

7/16/2026

Преминот кон циркуларна економија носи економски раст, нови работни места, помали трошоци и подобра конкурентност на ЕУ пазарот, истовремено штитејќи ја животната средина.

Македонија сè уште во голема мера функционира според принципот „земи – произведи – фрли“, при што голем дел од отпадот завршува надвор од економскиот циклус. Наспроти овој линеарен модел, циркуларната економија нуди поинаков пристап – материјалите повторно да се користат, обновуваат и рециклираат.

Отпадните масла се еден од најдобрите примери за тоа како отпадот може да стане вреден ресурс. Иако често се сметаат само за опасен отпад, со правилно управување тие можат повторно да се вратат во употреба.

Во Македонија, еден од предводниците на оваа промена е Еко Флуид – првата лиценцирана колективна организација за управување со масла и отпадни масла, која активно придонесува кон развојот на циркуларната економија.

За тоа каде се наоѓа Македонија на патот кон циркуларниот модел, како правилното управување со отпадните масла може да придонесе за отворање нови работни места и кои се предизвиците што нè очекуваат, разговаравме со претставниците на Еко Флуид.

Што претставува циркуларната економија и зошто е важна за Македонија?

Циркуларната економија е модел на производство и потрошувачка кој ги задржува материјалите и производите во употреба што е можно подолго преку повторна употреба, поправка, обновување и рециклирање. За разлика од линеарниот модел „земи-произведи-отфрли“, овој пристап го минимизира отпадот и максимално ја искористува вредноста на ресурсите. За Македонија е важна бидејќи имаме ниски стапки на рециклирање, голема зависност од увоз на суровини и проблеми со загадување. Преминот кон циркуларна економија носи економски раст, нови работни места, помали трошоци и подобра конкурентност на ЕУ пазарот, истовремено штитејќи ја животната средина.

Каде сме денес како држава во процесот на премин кон циркуларна економија?

Сме на почетокот од процесот. Иако постои законска рамка, вклучително законите за проширена одговорност на производителот и управување со посебни текови на отпад реалната имплементација е слаба. Главните проблеми се недостиг на инфраструктура, слаба контрола, ограничено финансирање и ниска свесност кај граѓаните и бизнисите. Сепак, има позитивни примери како што е системот за отпадни масла преку Еко Флуид.

Какви се последиците од неправилното управување со отпадните масла врз животната средина?

Отпадните моторни и индустриски масла се опасен отпад со сериозни последици. Еден литар масло може да формира тенок филм врз илјадници квадратни метри вода, спречувајќи го продорот на кислород и предизвикувајќи смрт на водни организми. Во почвата го уништуваат микробиолошкиот живот и го прават почвата помалку плодна или трајно контаминирана. При нелегално согорување ослободуваат токсични супстанции, тешки метали и канцерогени материи во воздухот, што директно влијае врз здравјето на луѓето.

Зошто отпадните масла не треба да се гледаат како отпад, туку како ресурс?

Отпадните масла содржат вредни базни масла и хидрокарбони кои преку регенерација можат повторно да се користат за производство на нови масла, горива или други производи. Наместо да се фрлаат и да загадуваат, тие можат да се вратат во економскиот циклус, со што се заштедуваат нови суровини, се намалува увозната зависност и се создава нова економска вредност , а токму тоа е суштината на циркуларната економија.

Каква улога има Еко Флуид во развојот на циркуларната економија?

Еко Флуид е првата лиценцирана колективна организација во Северна Македонија за управување со масла и отпадни масла според принципот „загадувачот плаќа“. Компанијата гради национален систем за собирање, транспорт и рециклирање, обезбедува опрема и услуги за компаниите, а истовремено спроведува едукативни кампањи. Со своето работење директно придонесува кон исполнување на националните цели за циркуларна економија и претставува конкретен, успешен пример на зелен бизнис модел.

Што се случува со отпадното масло откако ќе биде собрано и преземено од ваша страна?

Отпадното масло се транспортира преку акредитирани и лиценцирани партнери-собирачи до овластени рециклатори. Таму се подложува на соодветен третман и регенерација согласно законските и еколошките стандарди, со цел максимално искористувањее и претворање на отпадот во нов ресурс.

Дали компаниите во Македонија се доволно свесни за своите обврски и можностите што ги нуди циркуларната економија?

Свесноста постепено расте, но сè уште не е на задоволително ниво. Многу компании ги познаваат обврските, но дел од нив не ги применуваат целосно или продолжуваат со нелегални практики. Сепак, се зголемува бројот на компании кои ја препознаваат можноста за одговорно работење преку системи како Еко Флуид, особено откако законот стана построг.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во вашата работа?

Најголемите предизвици се нискиот степен на еколошка свесност кај дел од компаниите, нелегалното отстранување и согорување на отпадни масла, градењето на доверба и мрежа низ цела земја, како и административните и регулаторни пречки во почетната фаза на воведување на новиот систем.

Што треба да направат државата, бизнисите и граѓаните за побрзо воспоставување на циркуларен модел?

Државата треба да обезбеди посилна контрола, финансиски стимулации и доследна имплементација на стратегиите. Бизнисите треба активно да ги исполнуваат законските обврски, да се приклучуваат на колективни системи и да воведуваат циркуларни практики во своето работење. Граѓаните можат да придонесат преку лично информирање за отпадот и отпадното масло кое го генерираат во секојдневниот живот (на пример преку своите автомобили), преку правилно селектирање на отпадот а секако и преку поддршка на компаниите кои работат одговорно.

Каква е вашата визија – каде ја гледате Македонија во следните 10 години кога станува збор за управувањето со отпад и циркуларната економија?

Во следните десет години ја гледаме Македонија како земја која значително напреднала во циркуларната транзиција , со функционален систем за управување со отпад, високи стапки на собирање и рециклирање, значително помалку загадување и економија која создава вредност од ресурсите наместо да ги троши. Отпадните масла ќе бидат речиси целосно ставени во употреба, а компании како Еко Флуид ќе бидат дел од поширока мрежа на одржливи решенија. Ова е не само еколошка, туку и економска и здравствена неопходност за иднината на нашата земја.

И на крајот да заклучиме: Преминот кон циркуларна економија не зависи само од законите и институциите, туку и од сите нас. За овој модел да заживее, потребна е поголема свесност кај граѓаните, одговорност кај компаниите и поддршка за оние кои веќе работат на создавање одржливи решенија.

Отпадните масла се само еден пример дека она што денес го сметаме за отпад, утре може да стане вреден ресурс. Затоа, ако сакаме почиста животна средина и подобра иднина, сите заедно мора да придонесеме кон развојот на циркуларната економија во Македонија.

Доколку сакате да дознаете повеќе за правилното управување со отпадните масла и законските обврски, посетете ја страницата на Еко Флуид - Управување со отпадни масла во Македонија | Еко Флуид