Работодавачот веќе во првите 15 минути знае дали ќе ве вработи: Знаете ли зошто?
Актуелно

Работодавачот веќе во првите 15 минути знае дали ќе ве вработи: Знаете ли зошто?

6/23/2025

Потрагата по работа често знае да биде исцрпувачка, без разлика дали сте невработени и итно барате работа или пак едноставно целите кон тоа што би можело да биде работа од соништата. Кога конечно ќе добиете покана за интервју, тоа веќе изгледа како мал успех.

Но, експертите предупредуваат дека вистинската борба дури тогаш започнува.

Досега сигурно сте слушнале за многу трикови кои некои работодавачи ги користат за да ги проценат кандидатите. Но сега се појави уште една, многу суптилна, а изненадувачки моќна метода на проценка – онаа што се случува пред интервјуто формално да започне.

Вистинскиот тест започнува пред првото прашање

Најновите истражувања покажуваат дека дури 60 проценти од одлуките за вработување се донесуваат во првите 15 минути од интервјуто. Уште повеќе, првиот впечаток често се формира во само седум секунди. Со други зборови, тестот не започнува кога ќе седнете – туку во моментот кога ќе влезете низ вратата.

Експертката за вработување, Шерон Армстронг, основачка на компанијата Armstrong Appointments, објаснува дека повеќето кандидати не се свесни дека се под лупа многу порано отколку што мислат.

„Луѓето мислат дека интервјуто започнува кога ќе почнат прашањата. Во реалноста, проценката започнува во истиот момент кога ве сретнуваме. Начинот на кој влегувате во просторијата, како не поздравувате и што ќе кажете во првите 30 секунди, открива повеќе отколку кој било совршено научен одговор“, вели Армстронг за Unilad.

Замката на „малите прашања“

Посебно опасна може да биде едноставната реченица како: „Дали лесно нè најдовте?“ или „Какво ви беше патувањето?“
Иако изгледаат како обичен „small talk“, ваквите прашања работодавачите ги користат за да тестираат како размислувате, како се справувате со притисок и колку сте подготвени.

„Одговорот на ова прашање открива каков ви е менталниот склоп“, додава Армстронг. Таа советува дека краток, љубезен и позитивен одговор – на пример: „Сѐ беше во ред, секогаш тргнувам малку порано, за секој случај“ – покажува смиреност, организираност и самосвест.

Од друга страна, ако делувате нервозно, се жалите на сообраќај или кажете дека едвај сте се снајделе, работодавачот може тоа да го протолкува како знак на неподготвеност, стрес или недостаток на организација.

Првиот впечаток може да се вежба

Добрата вест е дека и ова може да се вежба. Експертите советуваат да вежбате како влегувате во просторија, како поздравувате и кратките воведни реченици.
Зашто, иако можеби мислите дека интервјуто започнува кога ќе седнете и ќе одговарате на „официјални“ прашања, одлуката за вашата судбина можеби веќе е донесена додека го соблекувате капутот.

„Првиот впечаток не е само важен – тој може да биде пресуден“, заклучува Армстронг.

Извор: index.hr