Од светот назад во Реплек
Успешни бизнис приказни

Од светот назад во Реплек

5/25/2025

Во наредниот период ќе пренесеме автентични приказни за професионалци што своите меѓународни искуства ги вратија дома - во Реплек. Преку нивните зборови ќе ја откриеме вредноста на посветеноста, стручноста и љубовта кон сопствената земја.

Во серијалот „Од светот назад во Реплек“, ќе слушнете луѓе кои зборуваат за љубовта кон професијата, посветеноста и вербата во иднината дома, во Македонија. Разговараме со вработени во Реплек на различни позиции секој со своја приказна но со една заедничка изјава: Само дома си е дома!

Овие приказни се инспирација за сите оние кои размислуваат  дали и во која компанија да се вратат во Македонија но и дали има простор  да го искористат стекнатото знаење и искуство од надвор.

 
Коста Котески, 47 год, Заменик Генерален Директор на Реплек

"Заминав во Обединетото Кралство во 2000 година, полн со амбиција да се усовршам на постдипломски студии и да стекнам практично меѓународно искуство. Сакав да го проверам сопствениот потенцијал во светот и да постигнам поголеми цели. Таму останав цела една деценија, работејќи во различни индустрии и градејќи го моето знаење како доктор на науки по бизнис менаџмент.

Но, со секоја помината година, се јавуваше едно чувство што не можев да го потиснам: Копнежот по дома. Недостасуваа заедништвото, топлината на семејството, нашите вредности и македонската душа. Сфатив дека без оглед на професионалниот успех, моето срце припаѓа овде.

Вака накратко изгледа приказната на Коста а за тоа што научил во странство вели:

-Работата во странство ме научи на дисциплина, тимска работа во мултикултурна средина, и значењето на личната одговорност. Таму научив дека со упорност и визија, сè е можно – без оглед на потеклото или почетната позиција.

-Тие 10 години поминати во интернационално опкружување ми донесоа перспектива во стратешко размислување, управување со комплексни процеси, и градење култура заснована на резултати и отчетност. Тоа искуство со мултикултурни тимови дополнително ми го изостри чувството за ефикасна комуникација и лидерство

 Што најмногу ви недостигаше додека живеевте надвор?

-Ми недостигаше чувството на заедништво, семејството, пријателите, и едноставниот, но богат живот во Македонија. Ми недостигаше мојата земја, нејзината топлина, јазикот, културата и нашите вредности- Вели Коста па надополнува Сфатив дека колку и да напредувам надвор, моето срце е тука. Пресуден момент беше кога почнав да размислувам што вистински сакам да оставам зад себе – и заклучив дека сакам моето знаење и искуство да го вложам овде, во развојот на домашната индустрија и општество.

За враќањето назад во Македонија вели дека не било лесно но бро се научил да ужива во малите нешта:

-Не беше лесно на почеток – динамиката е различна. Најголем предизвик беше адаптацијата на различниот начин на работа и менталитет. Многу работи се случуваат побавно, честопати е тешко да се дојде до точни информации, и секако губење на драгоцено време во административните процеси. Најлошо се чувствував гледајќи ја фрустрираноста што постои во сообраќајот – многу хаотично, со многу малку почит и трпение, што секојдневно влијае врз менталниот фокус.


-Но, со време научив да правам разлика меѓу работите што можам и не можам да ги контролирам.Научив повторно да уживам во малите нешта и да бидам благодарен што сум дома. Со поддршка од блиските и јасна цел пред себе, успеав да го прифатам новиот контекст и повторно да најдам инспирација во секојдневието.

За Работата во Реплек:

-Реплек е македонски бренд со долгогодишна традиција и силен потенцијал. Ме привлече можноста да бидам дел од компанија која што ќе се етаблира како регионален лидер и ќе успееме да ја дигнеме на повисоко ниво, да покажеме како една македонска компанија може да биде конкурентна на меѓународниот пазар. Тоа е предизвик што вреди да се прифати.


За тоа колку пазарот на труд во Македонија е отворен за лица со стекнато мнеѓународно искуство Котески вели:

-Мислам дека има позитивен тренд, но сè уште постои простор за напредок. Луѓето со меѓународно искуство носат нови перспективи, и треба да се препознае нивната вредност и потенцијал.Надвор пазарот е подинамичен, структурно поорганизиран и повеќе фокусиран на резултати. Кај нас има потенцијал, но треба системска работа, подобра поврзаност помеѓу образованието и бизнисот, и повеќе поддршка за иновации и лидерство. Секако, потребна е и многу повеќе самодоверба во реализација на зацртаните цели.

На крајот Коста заклучува: Ако имате знаење и искуство стекнато надвор, тоа е капитал – но вистинската вредност се гледа кога тој капитал се вложува дома. Македонија има потенцијал, но ѝ требаат луѓе со визија, искуство и срце. Ако се враќате со намера да направите разлика, тогаш секој предизвик станува можност.