„Западен Балкан наскоро ќе остане без работна сила“: Регионот во ризик од заминување на над 150.000 работници
Актуелно

„Западен Балкан наскоро ќе остане без работна сила“: Регионот во ризик од заминување на над 150.000 работници

30. 04. 2026.

Западен Балкан се соочува со сериозен ризик од недостиг на работна сила и економски притисоци, предупреди генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Амер Капетановиќ, на бизнис форумот KFF2026 во Приштина.

Презентирајќи ги клучните наоди од најновиот извештај, Капетановиќ истакна дека регионот мора да го промени економскиот модел и да се насочи кон развој базиран на продуктивност, доверба и поголема регионална соработка.

  • „Западен Балкан е пред стратешки избор – или ќе премине на модел заснован на продуктивност или ќе се соочи со економии со недостиг на работна сила, фискални притисоци и ограничен развој“, рече Капетановиќ.

Според него, демографските трендови дополнително ја влошуваат состојбата. Се очекува бројот на работоспособно население во регионот да се намали за речиси 20 проценти до 2050 година, а веќе во следните пет години може да се појави недостиг од над 190.000 работници.

Во исто време, продуктивноста на трудот останува ниска и изнесува околу 40 проценти од просекот на Европската унија.

Капетановиќ предупреди дека економскиот раст сам по себе не е доволен ако не биде придружен со суштинска трансформација на економијата. Тој посочи дека регионот повеќе не може да се потпира на евтина работна сила, дознаки од дијаспората, јавна потрошувачка или инфраструктурни проекти како главни двигатели на развојот.

Како клучно решение го посочи Заедничкиот регионален пазар, кој може да ја зголеми конкурентноста, да отвори нови можности за малите и средни претпријатија, да ја олесни мобилноста на квалификуваната работна сила и да ги намали административните бариери.

Тој нагласи и дека без доверба во институциите нема одржлив економски раст.

  • „Регионoт има шанса да ги запре негативните трендови, вклучително и одливот на кадар, ако се фокусира на конкретни резултати, подобра функционалност и подлабока интеграција со пазарот на ЕУ“, порача Капетановиќ.

Во рамки на посетата на Приштина, тој остварил средби со претставници на властите, каде се разговарало за унапредување на регионалната соработка, мобилноста на работната сила, развојот на претприемништвото и иновациите, како и за јакнење на Заедничкиот регионален пазар како двигател на економскиот раст.

 

Извор:faktor.mk