Нема враќање на млади брачни парови на село, катастрофално намалена исплатата на субвенциите за земјоделство за 2025
Актуелно

Нема враќање на млади брачни парови на село, катастрофално намалена исплатата на субвенциите за земјоделство за 2025

30. 04. 2026.

Во текот на минатата година биле исплатени 103.685.000 евра за директно субвенционирање на производството на земјоделците, објавено е во годишниот извештај на Агенцијата за финансиска поддршка. Платежната агенција, доколку се споредат извештаите за потрошени средства, една година претходно исплатила 142.771.000 милиони евра директни субвенции, односно околу 39 милиони евра повеќе.

Кај останатите мерки, не само што стимулациите од државата се помали на годишно ниво, туку и останале високи суми како планирани а неисплатени во 2025. Така, кај потпрограмата за грантови за млади земјоделци до 10.000 евра, набавка на трактори, набавка на приклучна механизација и останато, што влегува во секторот за поддршка на руралниот развој, во 2025 биле планирани 6,05 милиони евра, но потрошени само околу 3,20 милиони евра. За споредба, во 2024 биле исплатени околу 7,18 милиони евра за овие стимулации.

Катастрофално поминал и „Интервентниот фонд“ со кој најчесто со дополнителни средства по килограм се стимулира производството на култури каде што има пазарни нарушувања. Од околу планирани 3,9 милиони евра, префрлени на сметките биле само околу 1,46 милиони евра. За споредба, во 2024 биле исплатени 6,12 милиони евра од „Интервентниот фонд“.

Истовремено во ставката за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје со кое се вршеше бесплатна достава до училиштата, биле предвидени 250.000 евра , но не се потрошил ниту денар. Една година претходно, за ова биле реализирани околу половина милион евра.

Министерството за земјоделство најавуваше законски измени со што беа предвидени нови стимулативни мерки кај каматните стапки и грантови до 100.000 евра за млади брачни парови доколку се вратат на село и работат земјоделие, иако под одреднеи услови и ризици. Измените на Законот за земјоделство и рурален развој не се финално изгласани и стапени во сила.

Агенцијата за финансиска поддршка врши и исплата на ИПАРД средства. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски вчера информираше дека контролите од страна на Европската комисија се завршени и дека ИПАРД-от е повторно достапен за земјоделците. Опозицијата претходно реагираше дека грантовите се стопирани со апсењето на тогашниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев.

Извор:faktor.mk