Хотелските работници со најниска плата во Македонија!
Актуелно

Хотелските работници со најниска плата во Македонија!

24. 10. 2025.

Кои се секторите во кои платата на работниците е еднаква на државниот просек, но каде се добива и речиси двојно повеќе од просечната плата и каде работниците заработуваат под просекот. Ова се клучните три дилеми на кои Денар ќе даде одговор во следнава анализа.

Веќе е познато дека просечната плата во Македонија исплатена во месец август изнесувала 45 310 денари. 

Тоа што е навистина охрабрувачки во овој извештај на Државниот завод за статистика е тоа што за една година просечната плата пораснала за нешто над 10 отсто. Податоците кои се официјални од оваа државна институција покажуваат дека незначителен е растот на месечно ниво, односно август со јули годинава. Но идентичен раст на платата во просек од 10 отсто се случува и во периодот од почетокот на годинава до август споредено со иастиот период лани. 

„Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита за 14.6 %, Образование за 14.5 % и Административни и помошни услужни дејности за 14.1 %. Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Уметност, забава и рекреација за 5.2 %, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 4.7 % и Рударство и вадење на камен за 4.5 %“, стгои во извештајот на ДЗС.

На самиот просек или околу просекот според податоците од анализата се вработените во секторот јавна управа и одбрана и социјална заштита, образование, дејности на социјална и здравствена заштита, услужни дејности, уметност, рекреација и забава.

Под просектот или граѓаните кои заработуваат до 40 илјади денари и под оваа сума се вработените во секторот земјодејство и шумарство, работниците од преработувачката индустрија, снабдување со вода, градежните работници, трговија на големо и мало, транспортните работници и вработените во магацините.

Најниски плати имаат вработените во објектите за сместување и останати дејности со храна, нешто подобри се административците.

Од друга страна најплатените или на врвот според заработката се компјутерџиите односно ИТ персоналот, кои заработуваат речиси две просечни плати во текот на еден месец. Вработените кои се во секторот финансиски дејности се втори на листата со плата од над илјада евра. Нешто под просечна илјадарка се вработените во рударскиот сектор, енергетскиот сектор, и стручни научни и технички дејности. 

Висината на платата секогаш е тема која може да ги подели синдикатите и работодавачите. За синдикатите овие просечни суми се многу ниски и не овозможуваат достоинствен живот. Работодавачите се на став дека продуктивноста на работниците во земјава е ниска и не дозволува поголемо зголемување на платите. Во секој случај, Македонија останува помеѓу државите со најниска куповна моќ помеѓу земјите од регионот и пошироко.