Завршува учебната година: 25.000 слободни места за полуматурантите, 14.500 матуранти пред испит
Актуелно

Завршува учебната година: 25.000 слободни места за полуматурантите, 14.500 матуранти пред испит

10. 06. 2026.

Основците и средношколците ја завршуваат учебната 2025/2026 година, додека повеќе од 14.500 матуранти влегуваат во завршната фаза од државната матура. За полуматурантите, пак, следуваат електронските уписи во средно образование.

За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден од учебната 2025/2026 година. Учениците од утре заминуваат на летен распуст, кој ќе трае до 31 август.

За матурантите наставата заврши порано, на 15 мај, но за дел од нив обврските продолжуваат со полагањето на државната матура.

Повеќе од 14.500 матуранти пријавени за матура

Според податоците, за полагање матура се пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 ученици се пријавиле за државна стручна матура, а 127 за државна уметничка матура.

Матурантите кои се пријавени за државна матура утре, 11 јуни, ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик, односно македонски, албански, турски или српски јазик.

Кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура задолжителниот екстерен испит ќе го полагаат на 12 јуни. Првиот дел, изборниот екстерен предмет, матурантите го полагаа на 6 јуни.

Полуматурантите се подготвуваат за упис во средно

Додека дел од учениците веќе го започнуваат летниот распуст, полуматурантите овој месец ги очекува уписот во прва година средно образование.

Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk, со посебна најава за учениците преку нивните кориснички сметки на schools.mk. По електронското пријавување, учениците ќе треба да ја достават потребната документација во училиштата во кои конкурираат.

Две пријавувања во јуни, едно во август

Во јунскиот уписен рок ќе има две електронски пријавувања. Првото започнува на 12 јуни во 00:00 часот и ќе трае до 15 јуни до 23:59 часот.

Второто пријавување во јунскиот рок ќе се спроведе на 23 јуни. За учениците кои нема да се запишат во јунскиот рок, во август ќе има уште едно пријавување, закажано за 20 август.

Над 25.000 слободни места во средните училишта

Со конкурсот на Министерството за образование и наука се предвидени повеќе од 25.000 слободни места во сите 109 јавни средни училишта во државата.

Најголем дел од местата се во стручното образование, каде има повеќе од 17.000 слободни места. Во гимназиското образование се предвидени речиси 6.000 места, а во уметничкото образование 570 слободни места.

Со завршувањето на учебната година, дел од учениците влегуваат во распуст, а за матурантите и полуматурантите почнува периодот на важни одлуки, испити и уписи што ќе го одредат нивниот следен образовен чекор.

Извор:trn.mk