Дупло повеќе миленици отколку деца – каде оди Европа и каде е Македонија?
Актуелно

Дупло повеќе миленици отколку деца – каде оди Европа и каде е Македонија?

20. 07. 2025.

Mачките и кучињата се поприфатлива одлука. Без пелени, без училишта, без стрес. Само љубов. И трошоци, секако.

Европа станува континент на мачки и кучиња. Наместо детска смеа – лаења и мјаукања. Според најновите податоци од Евростат, дури 76% од семејствата во ЕУ немаат деца, додека речиси половина од домаќинствата имаат домашни миленици. Повеќе кутриња отколку колички. Повеќе играчки за мачки отколку за бебиња.

Во бројки: од 202 милиони семејства, само 47,6 милиони имаат деца. А 91 милион европски домови имаат миленик. Вкупниот број на миленичиња е околу 340 милиони, од кои дури 127 милиони се мачки и 104 милиони кучиња. Европејците трошат околу 30 милијарди евра годишно за храна за миленици, и уште речиси 25 милијарди за сè останато – салони, ветеринари, облека, терапии и играчки.

Иако не е забрането да ги сакаш животните, прашањето што се наметнува е – што се случува со семејствата? Дали е ова цивилизациски избор или социоекономска нужда?

Во најразвиените земји на ЕУ, бројот на семејства со деца е речиси симболичен – Финска со 18%, Германија со 20%, Литванија со 19,6%. Само Словачка, Ирска и Кипар сè уште држат бројка над 30% семејства со деца. И тоа главно едно. Семејства со три или повеќе деца се исклучок и реткост.

А Македонија? Сè уште одржуваме некаква рамнотежа – барем на хартија. Според последниот попис, имаме 538.348 семејства, и околу половината имаат барем едно дете. Но кога ќе погледнеме колку од нив навистина живеат заедно, со стабилни приходи, поддршка и услови – бројката паѓа. Миленици? Според официјалните податоци, во 2023 имало 84.949 регистрирани, но реалната бројка се проценува на над 200.000. А пазарот за храна за миленици веќе надмина 32 милиони долари годишно.

Да, мачките и кучињата не викаат "мамо" и "тато", ама очигледно за многумина се поприфатлива одлука. Без пелени, без училишта, без стрес. Само љубов. И трошоци, секако.

Во светот каде што станува се потешко да се биде родител, а се полесно да се биде сопственик на миленик, прашањето не е кој е во право. Прашањето е – што губиме по пат?