Од вонземјани до „опседнати бродови“
Сè започна во 1945 година кога Лет 19 – формација од пет бомбардери на американската морнарица, исчезна за време на тренажна мисија. Оттогаш се нижеа приказни за натприродни сили и вонземјани. Некои веруваа дека Бермудскиот триаголник е портал, други зборуваа за појави на НЛО и „опседнати бродови“. Популарната култура – од митови па сè до книги и филмови – дополнително ја распалуваше приказната.
Научно објаснување – бранови убијци
Документарната серија Енигма на Бермудскиот триаголник донесе едно од најубедливите објаснувања. Океанографот од Универзитетот во Саутемптон, Сајмон Боксал, тврди дека причината за исчезнувањата се – џиновски бранови.
„На југ и север се создаваат бури кои се спојуваат, а ако на тоа се додадат и оние од правец на Флорида, се создава смртоносна комбинација. Таквите бранови можат да бидат двојно повисоки од околните и целосно да проголтаат брод,“ објаснува Боксал, пренесува Index.hr.
Дали воопшто постои мистерија?
Иако звучи помалку возбудливо од приказните за Атлантида и вонземјани, науката укажува дека Бермудскиот триаголник всушност и нема ништо посебно. Магнетните аномалии во минатото можеле да ги збунат морнарите, но статистиката покажува дека овој регион нема повеќе несреќи од другите области подложни на урагани.
Уште во 1975 година, истражувачот Лери Куше покажа дека многу од наводните исчезнувања биле погрешно пријавени или преувеличани. А интересно е што студија од 2013 година за најопасни морски рути воопшто не го спомнува Бермудскиот триаголник – додека, на пример, таканаречениот „Аљаскински триаголник“ бележи повеќе од 20.000 исчезнати луѓе, но за него речиси и не се зборува.
