Вртоглав скок: Месото и растителните масла ја креваат цената на храната до небо!
Актуелно

Вртоглав скок: Месото и растителните масла ја креваат цената на храната до небо!

09. 08. 2025.

Растителните масла пораснаа за 7,1%, на највисоко ниво во последните три години, пред сè заради зголемената побарувачка и ограничените резерви на палмино, соино и сончогледово масло.

Во јули 2025 година, светските цени на храната достигнаа највисоко ниво во последните повеќе од две години, покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО). Иако цените на житарките, шеќерот и млечните производи бележат пад, растот кај растителните масла и месото ги подигна вкупните цени нагоре.

Индексот на цените на храната на ФАО во јули беше 130,1 поени, што е зголемување од 1,6% во однос на јуни и највисоко ниво од февруари 2023 година.

Главниот двигател на растот беа месото и растителните масла. Цените на месото достигнаа рекордни 127,3 поени, зголемени за 1,2%. Ова се должи на силната побарувачка од Кина и САД, каде што сушата во Америка го намали домашното стадо и ја зголеми потребата од увоз. Особено се поскапеа говедското и овчото месо. Живинското месо, пред сè бразилското пилешко, исто така порасна, додека цените на свинското месо паднаа поради стабилни резерви и слабеење на побарувачката, особено во Европската Унија.

Растителните масла пораснаа за 7,1%, на највисоко ниво во последните три години, пред сè заради зголемената побарувачка и ограничените резерви на палмино, соино и сончогледово масло.

Од друга страна, цените на житарките продолжија да паѓаат, достигнувајќи најниско ниво во речиси пет години, благодарение на сезонската жетва во северната хемисфера. Индексот на оризот падна за 1,8% поради обилни резерви и слаба побарувачка за увоз.

Млечните производи и шеќерот исто така бележат пад на цените, првпат по неколку месеци, како резултат на зголемено производство и стабилни резерви во главните региони како Бразил и Индија.