СПОРЕД СИНДИКАЛНАТА КОШНИЧКА СЕМЕЈСТВАТА ЗА ОБУВКИ И ОБЛЕКА ТРОШАТ ПО 6.024 ДЕНАРИ: Што може да се купи за тие пари?
Актуелно

СПОРЕД СИНДИКАЛНАТА КОШНИЧКА СЕМЕЈСТВАТА ЗА ОБУВКИ И ОБЛЕКА ТРОШАТ ПО 6.024 ДЕНАРИ: Што може да се купи за тие пари?

30. 04. 2026.

Во март годинава според минималната синдикална кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), семејствата во просек за облека и обувки трошеле по 6.024 денари или 8.9 отсто од приходите. Но, од продавниците за облека и обувки велат дека оваа сума е многу мала и едно семејство за тие пари може да земе само нешто од најевтините работи. Посебно нагласуваат дека ако некој треба да оди на свадба или друг вид на свеченост, за тој ден ќе треба да потроши повеќе од 6.000 денари за облека и обувки.

Од скопски бутик кој се наоѓа на периферија велат дека за 6.000 денари кај нив муштеријата може да си купи една пролетна јакна и фармерки или плус да земе и некоја поевтина маичка. Но, нагласуваат дека тие се на периферија и цените кај нив се пониски за разлика од бутиците кои се лоцирани во центар.

„Има граѓани што не ја трошат ни таа сума месечно, односно има луѓе кои годишно ќе купат само неколку парчиња облека. Од друга страна има муштерии што се навикнати редовно да купуваат гардероба, иако не мора да се многу богати. Со тие пари, со 6.000 денари, едно семејство скоро ништо не може да купи кај мене во бутикот или ќе купи нешто најевтино. Јас нудам малку поскапа облека, кај мене за 6.000 денари нема ни по едно парче облека за четири члена. На луѓето им е приоритет да платат сметки и храна, а облеката е во втор план“, велат од бутик од Свети Николе.

Сопствениците на бутици и продавници за обувки би биле задоволни кога стандардот би бил подобар и граѓаните повеќе би трошеле.

„Нема шанси со 6.000 денари четири члена да купат обувки.  Минимално за чевли 4 члена ќе потрошат 12.000 денари ако влезат во дуќан, тука мислам да купат нешто солидно, да не е најевтино. Луѓето слабо трошат. Нема многу народ, повеќето жители се стари“, објаснуваат од битолски дуќан за обувки.

Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец март 2026 година изнесува 67.818 денари и споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец февруари 2026 година која изнесува 67.382 денари е зголемена  за 436 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март, вредноста на кошничката изнесува 83.193 денари. Зголемувањето на вредноста на синдикална минимална кошница за трите месеци јануари, февруари и март 2026 година е 2.326 денари.

 

За споредба, лани по месеци, семејствата според минималната кошничка трошеле по 5.600, 5.700 или 5.800 денари за облека и обувки.

Извор:faktor.mk