Од ЈСП Скопје информираат дека компанијата, која ја изработила и инсталирала Жичницата, ќе ги спроведе потребните активности за отстранување на проблемите.
Договорот опфаќа набавка на резервни делови и материјали, нивна монтажа и сервисирање. Максималната вредност изнесува 53,1 милиони денари со ДДВ, додека доставената финансиска понуда е 43,35 милиони денари со ДДВ.
Предвидени се стотици различни резервни делови, меѓу кои сензори, лежишта, електронски компоненти и делови од кочниот и погонскиот систем. Во набавката е вклучен и целосен сервис на електричниот мотор, а дополнително ќе се наплаќаат и сервисните интервенции според бројот на работни часови.
Конечниот трошок ќе зависи од реално нарачаните делови и потребниот обем на сервисирање.
Доколку работите се одвиваат според планираната динамика, Жичницата би можела повторно да биде пуштена во употреба околу Нова година. Од ЈСП нагласуваат дека тоа ќе се случи само откако ќе бидат исполнети сите технички и безбедносни услови.
