Европа ја спушта рампата: Македонците потешко до сезонска работа во Хрватска и Германија
Актуелно

Европа ја спушта рампата: Македонците потешко до сезонска работа во Хрватска и Германија

31. 10. 2025.

Европската Унија подготвува нов систем за контрола и распределба на работната сила од трети земји, со воведување квоти кои ќе ја определуваат горната граница на бројот на дозволи за странци што ќе можат да се вработат во земјите членки.

Тоа значи дека идната сезона можеби нема секој Македонец што сака и што обично оди во Хрватска на работа преку лето, да може да замине така лесно, како што беше последниве години.

Одлуката за квотите ќе ја носи секоја земја посебно, врз основа на своите потреби и недостигот од работна сила, но и во согласност со европските насоки за интеграција.

„Новата регулатива е направена со цел да се избегнат злоупотреби и да се регулира влезот на работници кои навистина се потребни на пазарот“, велат упатени лица во европската администрација.

Со други зборови, нема повеќе „отворени врати“ како досега, туку сè ќе оди низ бројки, квоти и проверки.

За Македонија ова директно значи дека бројот на сезонски работници што ќе заминуваат во Хрватска може да се намали.

Туристичкиот сектор таму, особено на Јадранот, последниве години буквално преживува благодарение на работници од регионот. Но ако новите квоти ја намалат можноста за ангажман на странци, хрватските компании ќе мора да избираат, а тоа обично значи дека приоритет ќе добијат работници од земји со кои имаат двострани договори или полесни административни постапки.

„Тоа ќе создаде верижен ефект“, објаснува еден економски аналитичар. „Ако Хрватска ги намали квотите, ќе се зголеми притисокот кон други пазари како Словенија или Австрија, но и таму има засилени правила. Сè повеќе држави бараат работници со искуство, со познавање јазик, со потврда за квалификации… едноставно, сезонската работа веќе не е толку едноставна како порано“.

Паралелно со тоа, Германија, која долго време беше „ветената земја“ за многумина, во моментов се соочува со сопствена криза.

Економијата ѝ се лизга надолу, некои фабрики затвораат, а државата внимателно ги преиспитува издадените дозволи за работа.

Германските сојузни агенции потврдуваат дека има забавување во обработката на барања за визи, особено во секторите кои се заситени со работна сила.

„Во некои покраини, работна дозвола чекаш и по три-четири месеци. Ако документот има и најмала грешка, процесот се враќа од почеток. А тоа ги одвраќа луѓето“, вели познавач на состојбата со германскиот пазар.

Се чини дека по долгите години на отвореност, Европа влегува во нова фаза – фаза на селекција, контрола и внимателно избирање кој може, а кој не може да работи.

Иако се зборува за „интеграција“, за многумина тоа звучи како еден вид филтер преку кој ќе поминуваат само оние што се најбарани или најпотребни.

А останатите… ќе мора да чекаат подобри времиња. Или да изберат нова дестинација за сезонска работа.

Извор: denar.mk