ПРОДУКТИВНОСТА НА РАБОТНИЦИТЕ ВО РЕГИОНОТ, ЕВРОПА И СВЕТОТ: Каде е Македонија?
Актуелно

ПРОДУКТИВНОСТА НА РАБОТНИЦИТЕ ВО РЕГИОНОТ, ЕВРОПА И СВЕТОТ: Каде е Македонија?

20. 02. 2026.

Ако ги погледнеме податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), во некои земји од регионот работниците се попродуктивни од македонските, а во дел се помалку продуктивни.

Продуктивност на македонските работници во 2025 година изнесувала 34.01 долари по работен час, во Бугарија била 37,21 долари, во Босна и Херцеговина(БиХ) изнесувала 26.33, во Албанија 18.7, во Србија 29.77 долари, во Грција 48.83, во Хрватска е 58.74, во Словенија била 59.89, во Црна Гора била 31.08 долари. Но, од друга страна, македонските работници земаат најниски плати во регионот. 

Од Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) кажаа дека македонските работници се продуктивни над светскиот просек (23.27 долари). Според ССМ, ако се пресмета на месечно ниво (168 работни часа), еден работник е продуктивен, односно создава 297.024 денари месечно. Како што соопштија оттаму, нето минималната плата во Македонија изнесува 24.379 денари месечно, а еден работник создава 297.024 денари месечно.

„Тоа значи дека работник со минимална плата добива 17 отсто од вредноста што просечно се создава месечно“, стои во соопштението на ССМ.

Македонските работодавачи често се жалат дека во земјава продуктивноста на работниците не е на посакуваното ниво за да има пораст на платите. 

„Продуктивен е тој што исполнува норма со 100 отсто, а има други што исполнуваат по 70 или 80 отсто од работата. Треба да доминираат продуктивните работници во една компанија“, велат од конфекција во внатрешноста.

Ирска и Луксембург се на врвот и можат да се пофалат со висока продуктивност на работниците. Норвешка, Сингапур, Гвајана, Холандија, Данска, Белгија и Австрија исто имаат високо продуктивни работници.

Во сиромашните земји во Африка работниците имаат многу ниска продуктивност. Истата појава е присутна во делови од Јужна Америка и во делови од Азија. Во Боливија продуктивноста по работен час е 9.15 долари, во Камбоџа 5.22 долари, во Либерија 1.49 долари, во Лесото 3.3 долари, во Соломонските Острови 2.65 долари, во Сиера Леоне резултатот е 4.41 долари.

Во Зимбабве продуктивноста лани била 4.22 долари по работен час, во Замбија била 5.03 долари, во Чад 4.91, во Того 4.29, во Пакистан 7.16 долари, во Непал била 9.74, во Кенија била 7.32 долари, во Гвинеја -Бисао 3.18, во Еритреја 2.51, во Авганистан 6.1 долари. Понатаму, во Бурунди продуктивноста за работниот час лани чинела само 0.92 долари. Во Нигерија продуктивноста во 2025 година изнесувала 2.11, а во Мозамбик 2.15 долари. Во Уганда резултатот бил 3.08 долари за работен час. Во Киргистан продуктивноста по работен час лани била 10 долари.  Во Бангладеш резултатот бил 8.78 долари по работен час. Хаити има слаб резултат од 3.31 долар по работен час. Малави дури полошо котира со 2.88 долари по работен час.

Извор: faktor.mk