Анализите покажуваат дека најмал дел од крајната цена завршува кај производителите. Македонските земјоделци со години го поставуваат истото прашање – како е можно зелката да се откупува за 4 денари, а потрошувачот да ја плаќа по 30 денари за килограм во маркетите? Поради тоа, производителите остануваат без заработка, додека граѓаните плаќаат високи цени за храната.
– Компирот се откупува по 14 денари за килограм, доматот по 25 денари, пиперот по 20 денари, а зелката за само 4 денари за килограм. Во исто време, истите производи во маркетите достигнуваат значително повисоки цени. Пиперките се продаваат од 80 до 100 денари за килограм, доматите чинат околу 100 денари, а зелката се продава по 30 денари за килограм. Се поставува прашањето каде исчезнува разликата во цената од нивата до маркетот. Откупувачи, дистрибутери, транспортери, трговски синџири – секој од нив додава свој трошок и своја заработка, а земјоделците остануваат најслабата алка во системот – изјави за „Локално“, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој додава дека особено проблематичен е периодот на масовна берба, кога понудата е голема, а откупувачите ги диктираат цените. Во такви услови производителите немаат многу избор и се принудени да го продадат родот по цената што ќе им биде понудена, без оглед дали таа е исплатлива или не.
– Проблем не е само ниската откупна цена, туку и огромната разлика меѓу цената што ја добива производителот и цената што ја плаќа потрошувачот. Поради тоа сметаме дека е потребна поголема транспарентност во формирањето на цените и контрола на трговските маржи – додава Каракашев.
