Денеска ќе бидат објавени конечните ранг-листи на примени студенти на факултетите на УКИМ
Актуелно

Денеска ќе бидат објавени конечните ранг-листи на примени студенти на факултетите на УКИМ

27. 08. 2026.

Факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе ги објават конечните ранг-листи за примени студенти во прва година во академската 2026/2027 година од првиот уписен рок, кој беше организиран на 18 и 19 август. Запишувањето на примените кандидати ќе биде на 3 и 4 септември.

Со конкурсот на УКИМ, на 23-те факултети на најстариот и најголем универзитет во државава беа слободни вкупно 8851 место за бруцоши во новата студиска година, која ќе почне на 1 октомври.

Од вкупниот број слободни места, 4395 се за студенти во државна квота (редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет), 3621 за редовни студенти кои плаќаат школарина, т.е. ги кофинансираат студиите и 835 за вонредни студенти.

Најголем број студенти (над 500) на разни студиски програми и оваа година примаат Медицинскиот факултет (950 места), ФИНКИ (800), ФЕИТ и Машински по 600, Природно-математичкиот (626), Економскиот 655, Правниот факултет 555, Филозофскиот 635 и Филолошкиот факултет 805.

Студентите во државната квота се запишуваат со плаќање надомест за студиите, во износ од 200 евра во денарска противвредност, студентите во квотата за кофинансирање и вонредните плаќаат школарина од 400 евра.

Вториот рок за пријавување за упис на УКИМ ќе биде на 10 и 11 септември и третиот на 23 септември на факултетите на кои ќе останат слободни места.