Нови правила за државните станови: До 2027 година откуп или закуп
Актуелно

Нови правила за државните станови: До 2027 година откуп или закуп

11. 09. 2026.

За граѓаните кои со години живеат во стари станови во државна сопственост се предлага нова можност за регулирање на нивниот статус. Со измените на Законот за домување, рокот за откуп, закуп или пренос на правото на користење се продолжува до 31 декември 2027 година.

Измените особено ги опфаќаат лицата кои имаат акт или договор за времено користење издаден пред 16 мај 1998 година и непрекинато живеат во станот. Опфатени се и станови од поранешна општествена сопственост за кои претходно не било искористено правото на откуп или закуп.

Доколку корисникот не поднесе барање до крајот на 2027 година, ќе има дополнителен рок до 31 март 2028 година. Ако и тогаш не го регулира статусот, може да следува присилно иселување.

Условите зависат од приходите на домаќинството. За лицата во социјален ризик е предвиден закуп без плаќање закупнина додека го користат правото на социјална помош, додека за останатите закупнината ќе изнесува од 25 до 190 денари за квадратен метар.

За корисниците кои ги исполнуваат условите е предвиден и откуп на рати до 30 години, со сопствено учество од 5 до 30 проценти од вредноста на станот и фиксна камата од 4 проценти годишно. Оние кои прво ќе изберат закуп, подоцна ќе можат да побараат откуп доколку ги исполнуваат условите.

Предлог-законот е доставен до Собранието по скратена постапка. Средствата од продажбата на становите, според предложеното решение, ќе се користат за изградба на нови станови во државна сопственост.