Вака ќе изгледа новиот „Кузман“: Еднокреветни соби, фотоволтаици и греење што студентите сами ќе го регулираат
Актуелно

Вака ќе изгледа новиот „Кузман“: Еднокреветни соби, фотоволтаици и греење што студентите сами ќе го регулираат

15. 09. 2026.

По четири години во кои не беше достапен за студентско сместување, студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје се подготвува повторно да ги отвори вратите за студентите.

Очекувањата на Министерството за образование и на претставниците на Европската Унија се студентите да можат да се вратат во домот веќе следниот семестар. Изведувачот на градежните работи „Страбаг“, пак, очекува целосната реконструкција и модернизација да завршат до крајот на годинава.

Станува збор за темелна обнова која не ги опфаќа само фасадата, собите и покривот, туку практично сите клучни системи во објектот.

Сите соби ќе бидат еднокреветни

Градежните активности започнаа во 2024 година, а некогашните дотраени и влажни простории во меѓувреме добија целосно нов изглед.

Една од најголемите промени е сместувањето. Во согласност со стандардите според кои се изведува реконструкцијата, сите студентски соби ќе бидат еднокреветни.

Со тоа капацитетот на домот е преполовен, но истовремено се создава можност објектот да функционира и како хостел во периодите кога студентите не престојуваат во него.

Тоалетите ќе останат заеднички, а студентите ќе имаат и заеднички читални и простории за одмор и дружење. На секој втор кат ќе има и чајна кујна.

Студентите сами ќе ја регулираат температурата

Големи промени се направени и во начинот на греење и ладење.

Стариот котел, кој со децении се користеше за загревање на домот и придонесуваше за загадувањето во центарот на Скопје, е исчистен и запечатен и повеќе нема да се користи.

По повеќе од половина век од изградбата, „Кузман“ е приклучен на градскиот систем за парно греење.

Во собите нема да има класични радијатори. Наместо нив, греењето и ладењето ќе се вршат преку фенколери, а секој студент ќе може самостојно да ја регулира температурата во својата соба.

Системот ќе овозможува греењето или ладењето да се исклучат кога студентот ја напушта просторијата, а ќе се гасат и кога прозорецот или вратата се отворени, со цел да се намали непотребното трошење енергија.

Фотоволтаици на покривот и значително помала потрошувачка

Објектот доби и енергетски ефикасна фасада и нови прозорци, додека на покривот се поставени фотоволтаични панели кои ќе произведуваат дел од потребната електрична енергија.

Проекциите се дека со сите овие мерки потрошувачката на енергија ќе се намали за околу 56 проценти, додека емисиите на јаглерод диоксид треба да бидат пониски за околу 49 проценти.

Дел од објектите опфатени со поширокиот проект треба да се доближат и до NZEB стандардот, односно стандард за згради со речиси нулта потрошувачка на енергија.

Детектори за чад во сите простории

Посебно внимание при реконструкцијата е посветено и на безбедноста.

Во домот се инсталирани современи системи за заштита од пожар и други непогоди, а детектори за чад има во сите простории.

Поради тоа, пушењето во внатрешноста ќе биде строго забрането и ќе се санкционира. Од „Страбаг“ посочуваат дека прекршувањето на ова правило веднаш ќе биде регистрирано преку системот.

Проектот вреди повеќе од 85 милиони евра

Реконструкцијата на „Кузман“ е дел од многу поголем проект за подобрување на условите во студентските домови и образовните објекти во земјава.

За реализација се обезбедени вкупно 85,56 милиони евра.

Од нив, Европската Унија обезбедува грант од 21 милион евра, германската развојна банка KfW од Франкфурт заем од 60 милиони евра, а Министерството за образование учествува со 3,85 милиони евра.

Покрај „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“, кои се во завршна фаза, со проектот е предвидена реконструкција на уште седум државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден дом за средношколци.

Објектите се наоѓаат во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес.

Проектот се реализира во рамките на програмата за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во земјава, како дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан и Инвестициската рамка за Западен Балкан.

По завршувањето на реконструкцијата, „Кузман“ треба да добие сосема поинакви услови за живот од оние по кои генерации студенти го паметат – еднокреветни соби, современо греење и ладење, подобра енергетска ефикасност и нови системи за безбедност.