Македонија на еден клик: Нова дигитална платформа нуди виртуелни прошетки низ повеќе од 500 локации
Актуелно

Македонија на еден клик: Нова дигитална платформа нуди виртуелни прошетки низ повеќе од 500 локации

05. 11. 2026.

Природните убавини, културните знаменитости и историското наследство на Македонија отсега ќе можат да се истражуваат и виртуелно, преку дигиталната платформа „Македонија 360“. Со повеќе од 10.000 панорами и интерактивна мапа, корисниците ќе имаат можност да посетат стотици локации низ земјата без да излезат од дома.

Дигиталната туристичка платформа „Македонија 360“ (Macedonia360.mk) денеска ќе биде официјално претставена во Музејот на Македонската борба за самостојност во Скопје. Станува збор за проект што на едно место ги обединува природните, културните и историските богатства на Македонија, овозможувајќи нивно истражување преку современи дигитални технологии.

Платформата содржи интерактивна мапа со повеќе од 500 локации и над 10.000 панорамски прикази. Со помош на фотографии од 360 степени, виртуелни прошетки и видеосодржини, посетителите можат да разгледуваат планини, езера, археолошки локалитети, музеи, верски објекти, населени места и бројни туристички атракции.

Проектот е реализиран од Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, преку конкурсот за проекти од областа на креативните и културните индустрии за 2026 година.

„Македонија 360“ претставува надградба на платформата MacedoniaFromAbove.mk, која беше промовирана во мај 2019 година. Почетоците на проектот датираат од 2015 година, кога започнало снимањето воздушни панорами, додека од 2017 година активностите биле проширени и со снимање панорамски фотографии од земја.

Меѓу новите содржини е и мапирањето на големите православни крстови поставени на планински врвови, ридови и други истакнати места низ Македонија.

Дополнително, платформата овозможува виртуелна посета на Музејот на Македонската борба за самостојност и Археолошкиот музеј на Македонија. Овие презентации се збогатени со аудионарација на македонски и англиски јазик, со што содржините стануваат подостапни и за странските посетители.

Една од поинтересните функции е можноста за споредување на истите локации во различни години, сезони и делови од денот. На пример, преку панорамските снимки на Преспанското Езеро од 2020, 2025 и 2026 година, корисниците можат да ги забележат промените во нивото на водата и изгледот на крајбрежјето.

На сличен начин може да се споредува како изгледаат одредени места во лето и зима, како и во дневни и ноќни услови.

На официјалната промоција се предвидени обраќања на директорката на Музејот на Македонската борба за самостојност, Анче Илиевска, авторот на проектот Бојан Тренчевски, експертот за одржлив туризам и развој на туристички дестинации Александар Богоевски и професорот на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, Благоја Марковски.

Како дел од настанот ќе биде организиран и мал саем, на кој своите производи ќе ги претстават околу дваесет мали земјоделски производители.

Платформата е достапна на следниот линк: www.macedonia360.mk, каде што посетителите можат виртуелно да ги истражуваат убавините и знаменитостите на Македонија.