Обединетите нации гласаа за поддршка на карта на светот која попрецизно ја прикажува вистинската големина на континентите, по кампањата предводена од африканските земји.
Генералното собрание на ОН со 164 гласа „за“ и еден „против“ усвои резолуција со која земјите членки се поттикнуваат да ја користат проекцијата „Equal Earth“, наместо често употребуваната Меркаторова проекција, која потекнува уште од 16 век.
Единствената земја што гласаше против беа Соединетите Американски Држави.
Што е Меркаторовата проекција?
Меркаторовата проекција, која со векови беше стандард за прикажување на светот, значително ја зголемува површината на областите што се пооддалечени од екваторот. Поради тоа, на традиционалната карта Гренланд изгледа приближно голем колку Африка, иако Африка во реалноста е повеќекратно поголема.
Новата проекција „Equal Earth“ е создадена со цел многу попрецизно да го прикаже односот меѓу големините на континентите, при што Африка е претставена во пропорции кои се поблиску до нејзината вистинска површина.
Африка наскоро поголема на светските карти
Резолуцијата на ОН не е обврзувачка и не значи дека Меркаторовата проекција официјално ќе биде заменета на сите карти. Нејзината цел е да ги поттикне државите, образовните институции и другите корисници да размислат за користење проекции кои поверодостојно ја прикажуваат големината на копнените површини.
Кампањата за промена на начинот на кој Африка е прикажана на картите ја предводеа африканските земји, кои веќе подолго време укажуваат дека традиционалните карти создаваат искривена претстава за вистинската големина на континентот.
Американската администрација се спротивстави на резолуцијата, опишувајќи ја иницијативата како „радикален идеолошки проект“.
Гласањето заврши со резултат 164 спрема 1, што значи дека речиси целиот свет ја поддржа новата проекција.
Фотографијата приложена кон текстот прикажува војници кои гледаат карта на светот додека чекаат лет во градот Манас во Киргистан, на пат кон дома по завршувањето на мисијата во Авганистан во 2011 година.
