Сијалиците не светат повеќе од порано, телевизорот не работи 24 часа, а бројките – растат. И тогаш почнува класичната балканска дилема: да штедиш или да живееш нормално?
Одговорот, барем според познавачите, не е во радикални кратења, туку во паметни навики. Малку дисциплина, малку внимание и разликата се гледа на крајот од месецот.
Фрижидерот е тивок потрошувач. Работи нон-стоп. Но, ако го држиш преполн или го отвораш на секои пет минути, ја креваш потрошувачката. Исто важи и ако стои блиску до шпорет или радијатор. Малку простор околу него значи подобра работа и помалку струја.
Климата е најголемиот потрошувач на енергија. Многумина ја пуштаат на максимум, па се жалат на сметките. Реалноста е поедноставна: не мора да е тропска клима во станот. Неколку степени разлика се доволни. И уште нешто – чисти филтри значат помала потрошувачка.
Машината за перење? Често се пушта полу-празна. Брзина, навика, мрзеливост. А всушност, најисплатливо е кога е полна. И на пониска температура. Алиштата ќе се исперат, струјата ќе се заштеди.
Истото важи и за машината за садови. Ако веќе ја имаш користи ја паметно. Не за две чинии и една чаша.
Телевизорот, рутерот, полначите. Сите тие мали уреди што „не трошат ништо“ – всушност трошат. Стојат вклучени и кога не ги користиш. Таа т.н. „standby“ потрошувачка е тивок крадец. Исклучи ги. Барем дел од нив.
Греењето и изолацијата се посебна приказна. Ако топлината бега низ прозорците, можеш да грееш колку сакаш – ќе плаќаш повеќе. Понекогаш едноставна гума на прозорец или подебела завеса прави разлика.
Готвењето исто така има свои трикови. Капакот на тенџерето не е тука за украс. Со него храната се готви побрзо, а струјата се троши помалку. Мал детаљ, голема разлика.
Има и едно правило што ретко кој го почитува – искористи ја евтината тарифа. Перење, готвење, полнење уреди… ако можеш да ги префрлиш во тие часови, сметката ќе изгледа поинаку. Не магично, ама доволно за да се почувствува.
Старите апарати се уште една замка. Работат, ама трошат повеќе. Новите, иако поскапи на почеток, се поефикасни. Прашање е само колку долго планираш да ги користиш.
И на крај: навиките. Нема поголем фактор од тоа. Дом во кој сите внимаваат троши помалку. Дом во кој „ќе се снајдеме некако“ – плаќа повеќе. Толку едноставно.
Нема магична формула. Нема трик што ќе ја преполови сметката преку ноќ. Но има десетина мали работи што, кога ќе се соберат, прават разлика.
Извор:denar.mk
