Утре, недела, изменет сообраќаен режим во Скопје поради Виз Ер Скопскиот маратон
Актуелно

Утре, недела, изменет сообраќаен режим во Скопје поради Виз Ер Скопскиот маратон

02. 10. 2026.

Скопје утре, недела, 4 октомври, ќе биде во знакот на 22. Виз Ер Скопскиот маратон, поради што дел од улиците и булеварите во градот ќе бидат затворени за сообраќај.

Од 06:00 до 14:00 часот, сообраќајот по улиците и булеварите опфатени со трасата на маратонот ќе биде пренасочуван по алтернативни сообраќајници.

Затворен за сообраќај ќе биде потегот од Рекорд, односно улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, продолжувајќи по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ до реонот на Хром.

Затворени ќе бидат и делови од улицата „11 Октомври“, односно потегот од Собранието кон Црвен крст, како и делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“, до делот кај Американ колеџ.

Во Аеродром, со посебен сообраќаен режим ќе бидат опфатени потезите кон Воен базен, Мајчин дом и булеварот „Јане Сандански“, до раскрсницата со булеварот „Србија“.

Од МВР апелираат до возачите да го избегнуваат движењето по трасите во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен.

Граѓаните се повикуваат навреме да го испланираат своето движење и да користат алтернативни сообраќајни правци.