Според податоците на платформата „Brilliant Maps“, базирани на глобалниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за трендовите во употребата на тутун и никотин од 2000 до 2022 година, со проекции до 2030 година, Европа е континент со највисока стапка на пушење во светот. Во просек, 25,9 проценти од населението над 15-годишна возраст користи тутунски производи.
Особено високи бројки се забележуваат во балканските земји. Според овие податоци, во Бугарија и Србија тутун користат 39,5 проценти од возрасното население, во Хрватска 37 проценти, а во Грција 32,8 проценти.
Висока стапка на пушење и во Македонија
Податоците што Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги објави минатата година по повод Светскиот ден против употребата на тутун покажуваат дека 45,4 проценти од населението во Македонија се активни пушачи. Станува збор за стапка значително повисока од просекот во Европската Унија, која ја вбројува земјата меѓу државите со висока застапеност на пушењето.
Од друга страна, податоците на Евростат покажуваат дека во 2025 година 16,5 проценти од лицата на возраст од 16 години или повеќе во ЕУ секојдневно користеле тутун или сродни производи, меѓу кои електронски цигари, никотински кесички и загреани тутунски производи.
Во 2022 година овој процент изнесувал 17,5 отсто, што покажува благо намалување на ниво на ЕУ.
Во дел од земјите од регионот, меѓу кои Турција, Србија, Хрватска и Бугарија, сепак се забележува раст на употребата. Македонија останува дел од балканскиот регион во кој консумацијата на тутун и никотински производи е висока.
Според последните достапни податоци за земјава, во 2022 година 22,5 проценти од лицата на возраст од 16 години или повеќе секојдневно користеле тутун и сродни производи.
Секој десетти што побарал помош успеал да се откаже
Надлежните институции во континуитет преземаат активности за намалување на бројот на пушачи, со посебен акцент на младите.
Една од поновите мерки е телефонската линија на Институтот за јавно здравје за советување и поддршка при откажување од пушењето, која функционира од крајот на минатата година.
Досегашните резултати покажале дека околу 10 проценти од лицата кои се обратиле за помош преку линијата успеале да се откажат од пушењето, информираа од ИЈЗ.
Најчесто помош барале лица на возраст меѓу 40 и 50 години, како и луѓе со долгогодишен пушачки стаж. Бројот на помлади пушачи кои се јавувале за советување бил помал.
Поддршката не е ограничена само на корисниците на класични цигари. На линијата можат да се обратат и лица кои користат електронски цигари, вејп производи, никотински кесички и други тутунски производи.
Зошто младите посегнуваат по цигари?
И покрај активностите за превенција, пушењето и употребата на други никотински производи меѓу младите продолжуваат да предизвикуваат загриженост.
Токму затоа „Скопје Инфо“ преку социјалните мрежи ги праша своите читатели: „Зависни ли се од цигари младите во Македонија?“
Дел од граѓаните во коментарите посочиле дека проблемот не се само класичните цигари, туку и други никотински производи, а некои ја споменале и употребата на марихуана.
Како една од најчестите причини поради кои младите почнуваат да пушат била наведена желбата тоа да се прави од „мода“ или за да се биде „ин“.
Интересно е што дел од читателите имаат поинаква перцепција. Според нив, кога денешната состојба ќе се спореди со периодот кога постарите генерации биле основци и средношколци, младите денес пушат помалку отколку порано.
Што би направиле родителите ако го фатат детето со цигара?
Второто прашање поставено до читателите било: „Како би реагирале ако го фатите детето со цигара?“
Најголем дел од одговорите биле во насока на мирен разговор. Родителите велат дека би се обиделе да му објаснат на детето зошто пушењето е штетно за здравјето, а дел од нив би вовеле и поблага форма на казна.
Имало, сепак, и одговори според кои физичкото казнување би било решение во ваква ситуација.
Други родители навеле дека би му дозволиле на детето да пуши единствено доколку самото ги заработува парите со кои ќе ги купува цигарите.
Дали промената треба да започне од возрасните?
И институциите и родителите зборуваат за потребата од превенција и подобра информираност на младите за последиците од пушењето. Сепак, високата застапеност на тутунот покажува дека предизвикот останува.
Меѓу мерките со кои државата се обидува да ја намали достапноста на цигарите се зголемувањето на нивната цена и регулирањето на условите и местата каде што е дозволено пушење.
Ваквите ограничувања, од друга страна, неретко предизвикуваат незадоволство кај возрасните пушачи, меѓу кои има и родители.
Оттука се отвора уште едно важно прашање: ако сакаме да го намалиме пушењето кај младите, дали промената треба да започне и од однесувањето и навиките на возрасните?
