„Тука нема веќе средна класа – или си сиромав, или си богат, или многу богат“, вели еден од соговорниците во репортажата на МИА од албанската престолнина.
Колку е тешко секојдневието покажува и примерот на Мојра, која работи на рецепција во хостел за плата од 500 евра, додека за кирија издвојува 400 евра месечно. Таа има две деца, а за да ги покрие трошоците, дополнително чисти станови во слободното време.
Проблем се и високите цени. Кафе во кафуле чини околу 140 денари, кроасан околу 100 денари, додека ручек во ресторан може да достигне 15 до 20 евра. Ноќевање во пристоен хотел во Тирана чини од 75 евра нагоре.
Незадоволството од животниот стандард е една од причините за протестите во градот, во кои учествуваат студенти и граѓани. Тие бараат подобри услови за живот, повисок стандард и политички промени.
И покрај напредокот на Албанија на патот кон Европската Унија, дел од граѓаните велат дека сè уште не ги чувствуваат придобивките во секојдневниот живот. Ниските примања, високите трошоци и корупцијата остануваат меѓу главните причини за незадоволството.
