Со комплетирањето на недовршениот дел после мостот, каде ќе се пробие простор и ќе има булевар, па сè до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна сообраќајница меѓу северниот и западниот дел на Скопје, со што би се подобрил пристапот до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, но и значително би се ослободил сообраќајот на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, а ќе има побрз и побезбеден излез кон обиколницата.
-Со неговото завршување, граѓаните ќе добијат побрз и побезбеден пристап до Злокуќани, Бардовци и индустриската зона, а воедно ќе се растоварат булеварите Партизански одреди и Илинденска – изјави Ѓорѓиевски.
Со неговото ставање во функција, се очекува подобра поврзаност меѓу населбите Злокуќани и Бардовци, како и олеснет пристап кон индустриската зона и обиколницата.
Проектот беше во застој поради неопходни постапки за заштита на локалитетот „Скупи“, но по добиените согласности, активностите продолжуваат со засилен интензитет.
-Унапредувањето на сообраќајната инфраструктура останува приоритет, со цел создавање пофункционална и побезбедна урбана средина за граѓаните – нагласи Ѓорѓиевски.
Паралелно со изградбата на булеварот, градоначалникот најави и изградба на кружен тек или поставување семафори на влезот во селото, со што, според него, ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Овој проект вреден шест милиони евра беше започнат уште во август 2021 година, за време на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Тогаш, овој проект беше претставен како „првиот автомобилски висечки мост во Скопје“, но неговата изградба запре поради ненаправената експропријација и немањето дозвола од Конзерваторскиот центар за да се пробие пат покрај археолошкиот локалитет Скупи.
Извор:vecer.press
