Зошто квадратот во Кисела Вода сега вреди повеќе отколку во Центар?
Актуелно

Зошто квадратот во Кисела Вода сега вреди повеќе отколку во Центар?

19. 07. 2025.

Некогаш кога ќе се спомнеше купување стан во Скопје, првата асоцијација беше Центар, Аеродром или Карпош, но Кисела Вода?

Е, денес ситуацијата е сосема поинаква. И кој би рекол дека токму таму цените ќе скокнат побрзо од тие во „срцето“ на градот. Причини? Има повеќе. А и не секогаш се рационални, барем не на прв поглед.

Прво, во Центар се изгради сè што можеше да се изгради. Земјиштето е ограничено, а понудата на нови станови станува се посиромашна. Со тоа цените таму растат побавно — достигнаа некој свој „плафон“, па сега се движат по инерција.

Од друга страна, Кисела Вода доживува бум на новоградби. Градежните кранови таму никнуваат како печурки по дожд. Секој агол, секоја празна парцела добива бетонски костур.

Но тоа не е само градежна приказна. Луѓето бараат нешто што Центар веќе не може да им го понуди: релативен мир, повеќе зеленило, подобар пристап до излезите од градот. И, да бидеме искрени, малку повеќе место за паркирање — нешто што во Центар стана егзотика.

Друг фактор што ја турка цената нагоре се очекувањата. Граѓаните, тие што купуваат, инвестираат или едноставно „ѕиркаат“ на Пазар3, забележуваат дека Кисела Вода брзо се менува.

„Ако купам сега, за две-три години ова ќе вреди двојно“. И така се создава некој чуден психолошки притисок. Луѓето сами си ја пумпаат цената, во обид да не „останат кратки“ ако задоцнат.

Не смее да се заборави ниту ефектот на инфраструктурните зафати. Новите булевари, подземни инсталации, уредувањето тротоари, осветлување… тоа си го прави своето.

Колку и да не ни се верува, асфалтот и уличното светло често знаат да бидат посилни аргументи за купувачите од било каква урбана историја.

И така, Центар си останува елита. Таму се плаќа за престиж, за тоа што си пеш до плоштад. Во Кисела Вода се плаќа за тоа што си купил „утре“, додека уште е на „денешна“ цена.

А зошто токму таму растот е побрз? Е, тоа е мешавина од пазарна математика и чиста човечка психологија.

Некогаш дури ни самите економисти немаат едноставен одговор. Секако, сите ние сакаме да фатиме момент кога нешто „ќе експлодира“, за после да можеме да се фалиме: „Јас таму купив пред да стане ова лудило“.